Каде е Македонија во ерата на 4Г

/, Телекомуникации/Каде е Македонија во ерата на 4Г

Каде е Македонија во ерата на 4Г

Секоја декада во последните десетлетија означува раѓање на нова генерација мобилни системи на светската сцена. Мотивиран од технолошкиот развој и поттикнат од непресушната потребата на корисникот за услуги со подобар квалитет и збогатени можности, развојот на секоја нова генерација мобилни системи зацртува и остварува решенија, кои во одреден технолошки моментум, ги задоволуваат најсмелите предвидувања.

Историскиот развој на мобилните системи започнува во осумдесетите години од минатиот век со појавата на првите аналогните системи. Ги наследува втората генерација која што, освен дигитализација, внесува и глобална компонента, овозможувајќи говорна комуникација без географски ограничувања. Почетокот на овој милениум ја најавува третата генерација мобилни системи (таканаречени 3Г), која поставува цел – хармонизација на техничките решенија и проширување на услугите во насока на побрз пренос на податоци.

Моментално, живееме во ерата на четвртата генерација на мобилни системи (4Г)  и сведоци сме на нивното незадржливо глобално продирање. 4Г означува мобилна мрежа способна за пренос на податоци со големи брзини и со висок квалитет и ги опфаќа технологиите познати како LTE/LTE-Advanced (Long Term Evolution)  и WiMAXe (Worldwide Interoperability for Multiple Access), кои можат да поддржат брзини до 1Gb/s во мирување и до 100 Mb/s во движење.

Првите инсталации на системите од четвртата генерација започнаа во технолошки високо развиените земји, како што се Шведска и Јапонија, со почетокот на оваа декада. Според Informa, кон крајот на 2013 година, во светот има 188,6 милиони претплатници на 4Г и се предвидува дека до 2018 овој број ќе порасне на 1,3 милиарди. УСА, Јапонија и Северна Кореја го предводат овој технолошки напредок, при што најголемиот број  претплатници е во УСА (89,8 милиони), додека во Северна Кореја има најинтензивна пeнетрација на 4Г од околу 47%.

Поддржан од иновативни технички решенија, овој систем овозможува глобално поврзување на разни дигитални мобилни уреди и обезбедува говорни и видео услуги со висок квалитет. 4Г предвидува ефикасно да се справи со пробелемите на мобилниот Интернет и брз и доверлив пренос на податоци.

Корисниците на оваа технологија ќе можат да гледаат телевизија во движење, да вршат пребарувања, да се забавуваат и информираат, да пристапат кон електронско пазарење и разни социјални медиуми, да ги надгледуваат и водат своите бизниси. Работата “на дистанца” е поддржана со виртуализација и современо работење во облак. Освен позитивните економски и развојни ефекти, се остварува заштеда и се постигнува поголема ефикасност при работењето. Над 40 земји во светот денес имаат инсталирано 4Г системи и веќе ги жнеат плодовите на оваа инвестиција.Македонија 2014 година ја дочека со три оператори кои воведоа 4Г технологија и се вклучија во светските трендови за развој на телекомуникацискиот сектор.

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ја негува областа на телекомуникациите на Институтот за телекомуникации и подготвува инженерски кадар спремен да се вклучи во поддршка и работа со новите мобилни системи и решенија. По совладувањето на почетните бариери кои ја попречуваат интензивната пенетрација на 4Г, како што се цената и ограничениот број апликации, се очекува дека и во Македонија воведувањето на оваа технологија ќе даде поттик на економскиот развој и поддршка за развој на современа бизнис клима.

4Г трасира поширок автопат кон светот, овозможувајќи водење бизниси без географски ограничувања и на дистанца. Успехот на 4Г делумно зависи и од присутноста, изборот и цената на мобилните уреди кои се способни да работат со оваа технологија и да ги поддржат постојните апликации и од бројот на претплатници ориентирани кон користење на широкопојасен Интернет. Постигнувањето на оптимален технолошки и социјален моментум е предуслов и Македонија да го следи примерот на развиените земји.

Присуството на 4Г на македонскиот пазар ќе овозможи дополнителен развој на телекомуникацискиот сектор во земјата и ќе создаде простор за иновативни бизниси, развој на нови апликации и сервиси. Воедно ќе претставува импулс за отварање  иновативни start-up компании и нови вработувања.

Во светот веќе се работи на развој на концептите на следната генерација мобилни системи, 5Г. Инсталацијата би требало да започне во почетокот на следната декада и да донесе новини кои ќе поттикнат развој на интелегентно и енергетски ефикасно опкружување, задоволувајќи ги потребите на корисникот за мобилност и сеприсутна широкопојасна поврзаност.

[custom_frame_center]Каде е Македонија во ерата на 4Г[/custom_frame_center]

Извор: http://emagazin.mk

Автор: Лилјана Гавриловска, редовен професор на ФЕИТ

Датум на објава: 03.09.2014