КРЕДИТИ: Што нудат банките во летниот шпиц?

//КРЕДИТИ: Што нудат банките во летниот шпиц?

КРЕДИТИ: Што нудат банките во летниот шпиц?

Намалени камати, ослободување од административни трошоци, забрзани постапки. Деловните банки во пресрет на очекуваната летна побарувачка на кредити, секоја на свој начин таргетира нови клиенти или сака да ги придобие постоечките. Дел од банките се одлучија на пазарот да понудат нови кредитни производи, други пак ги олеснија условите на оние што веќе ги нудат на своето банкарско мени. Некои од банките, по направените анализи решија дополнително да се ориентираат кон компаниите и нивните вработени преку понуда на повластени кредитни услови.

Намалени камати, ослободување од административни трошоци….

Во пресрет на летниот шпиц, дел од банкарските групации во земјава решија да ги олабават  административните процедури и да ги намалат или целосно да ги укината трошоците за добивање на одредени видови на кредити – се со цел да се придобијат нови клиенти и да се задржат постечките. Со наслов “Летни кредитни освежувања“, Стопанска Банка Скопје објави дека во овој период клиентите ќе бидат целосно ослободени од административни трошоци за станбените и потрошувачките кредити. Од банката за “Фактор“ велат дека станува збор за кредитна понуда која опфаќа повеќе банкарски производи.

“Во летните месеци со цел да им излезе во пресрет на клиентите, Стопанска банка подготви промотивна понуда за станбени, потрошувачки кредити и кредитни картички. Станбените кредити покрај гарантираната каматна стапка за првите 5 години (5% за првите 3 и 6% за следните 2 години) до крајот на август се со 100% попуст на административните и трошоците за проценка. Потрошувачките кредити до 10 000 евра без обезбедување се добиваат за само триесет минути од поднесување на комплетно барање во филијалата и се со промотивна каматна стапка гарантирана за првата година од 6.5% до крајот на јули 2014 година и целосно без административни трошоци“ – велат од Стопанска Банка и додаваат :

“Новоиздадените MasterCard кредитните картички ги одобруваме со 0% каматна стапка за сите купувања до крајот на септември по што во примена ќе биде редовната каматна стапка која во моментов изнесува 10.13% за клиентите кои платата ја примаат во Стопанска банка. Оваа понуда важи за сите барања до 31.08.2014.“

Со овие понуди и поволности од оваа банкарска групација посочуваат дека се олеснуваат условите за добивање на кредит но и дека сето ова ќе се влијае врз кредитниот раст во периодот што следува.

Дел од банкарските групации одлучија во овој летен период, кога сезонски се очекува зголемена побарувачка на кредити, да се насочат кон таргетирани клиенти.

“Ние како банка се ориентираме кон бонитетни клиенти или кон компании кои редовно исплаќаат плати, придонеси и други обврски. Токму на таквите фирми, односно за нивните вработени нудиме пакет на банкарски производи со поповолни услови, како пониска камата, пониски провизии и трошоци и полесни процедури за добивање или одборување на кредит“ – вели Владимир Ефтимоски, директор на Стопанска Банка – Битола.

Дополнително како адут за зголемување на кредитирањето оваа битолска банка ги нуди условите за оценување на кредитоспособноста на клиентот.

“Станува збор за новини во политиката на оценување на кредитната сопсобност на клиентите, пришто банката ги зема во предвид сите приходи на клиентот, без разлика дали станува збор за редовни или дополнителни, хонорарни примања, кои се пресметуваат како сто процентен приход, што пак влијае врз кредитната оценка. “ – објаснува Ефтимоски.

Инаку, според последните расположливи податоци за банкарскиот сектор, во април вкупната кредитна изложеност на банките изнесувала 3 милијарди и 841 милион евра. Во однос на март, за првпат од почетокот на годинава е регистрирано намалување на кредитната активност за близу 5 милиони евра.

Во истиот месец, најновите податоци на Народната Банка укажуваат дека продолжува трендот на раст на сомнителните и спорните побарувања кои достигнаа ниво од 428,5 милиони евра. Во однос на март, НБРМ измери пораст на нефункционалните кредити и кај девизната и кај денарската изложеност.

Според податоците, од аспект на валутната структура, намалување на кредитната активност има кај девизните кредити, додека кај денарските е забележан пораст. Во истиот месец има намалување на кредитирањето кај приватниот сектор, додека кај домаќинствата растот продолжува.

Во април во однос на март, задолженоста на граѓаните се зголемила по основ на денарски потрошувачки и станбени кредити, додека кај автомобилските кредити, кредитните картички и минусните салда се забележува намалување.

По основ на потрошувачки кредити населението должи 711 милиони евра, а по основ на кредитни картички 194 милиони евра. Задолженоста на граѓаните за станбени кредити изнесува 377 милиони евра.
Според проекциите на Народната банка за годинава се очекува кредитен раст од околу 8%.

[custom_frame_center][/custom_frame_center]

Датум на објавата: 19.06.2014

Извор: www.faktor.mk

By | 2014-06-19T15:21:02+00:00 19/06/2014|Банки|