Ќе се Продава „Тутунски комбинат“ од Прилеп

/, Тутунска Индустрија/Ќе се Продава „Тутунски комбинат“ од Прилеп

Ќе се Продава „Тутунски комбинат“ од Прилеп

Актуелниот менаџерски тим смета дека е најдобро комбинатот да се раздели на два дела, па потоа да оди на продажба. Крајниот збор за моделот за продажба ќе го има Владата, која е мнозински сопственик на комбинатот.

Тендер за продажба на „Тутунски комбинат“ од Прилеп ќе биде распишан до крајот на септември годинава, најави вчера раководството на комбинатот. Оттаму велат дека неколку компании веќе покажале интерес за купување на комбинатот. Актуелниот менаџерски тим смета дека е најдобро комбинатот да се раздели на два дела, па потоа да оди на продажба. Крајниот збор за моделот за продажба ќе го има Владата, која е мнозински сопственик на комбинатот.

Александар Дерменџиев, директор на „Тутунски комбинат“ од Прилеп, информира дека  комбинатот ѝ должи на државата околу 30 милиони евра, кои треба да бидат конверзирани во траен влог. Со тоа државата би била 90 отсто сопственик на фирмата. Инаку, другите долгови редовно се сервисирале.

Тендер за продажба на „Тутунски комбинат“ од Прилеп ќе има до септември. Има веќе неколку заинтересирани фирми што сакаат да го купат. Лично сметам дека комбинатот може да се продаде само ако се подели на два дела. Сепак ќе одлучи Владата. Главната интенција ќе биде да се задржат сите вработени – вели Дременџиев.

Тој информира дека загубата од лани во однос на 2010 година, кога изнесуваше околу пет милиони евра, е намалена за половина милион евра. Дерменџиев вели дека изминатите две години успеале да ја вратат довербата кај кооперантите и да откупат по 3.000 тони тутун, кои потоа го продале не трети субјекти.

Половина од средствата за продадените лански количества се наплатени. Со тоа вративме дел од кредитите. Мислам дека доаѓаат подобри денови за производството на ориентален тутун, оти во околните земји се намалува производството. Годинава повторно ќе откупиме 3.000 тони, а воведуваме и современа технологија, односно откуп во картонска амбалажа, за намалување на трошоците и за зголемување на конкурентноста на пазарот – вели Дерменџиев.

Сепак, тој вели дека не се задоволни од искористеноста на капацитетите за производство на цигари.

Работиме со 10-15 отсто искористеност на фабриката за цигари. Планираме да стигнеме до 50 отсто. Формиравме нов оддел – маркетинг тренд-сектор, за подобрување на продажбата на цигари, и имаме подобрување. Во првиот квартал, откако ги редизајниравме двата бренда „санслим“ и „бренд“, го зголемивме пласманот. Го воведовме новиот бренд „тату“, а се фокусиравме на меѓународниот пазар. Се свртивме кон привлекување странски партнери за лиценцно производство на цигари. Произведуваме веќе лиценцни цигари од марката „99“ за „Хонге Хонге табако“, корпорацијата од Кина – вели Дерменџиев.

Од фирмата не кријат дека имаат константни загуби, ама велат дека причините се објективни и субјективни, заради превработеност (има 1.070 вработени), загубени пазари и слично. Завршната сметка за 2011 година ќе се разгледува на годишното собрание в петок.

[custom_frame_center]Ќе се продава „Тутунски комбинат“ од Прилеп[/custom_frame_center]

 

Извор:  Нова Македонија

Датум на објава: 26.06.2012