Енергетска ефикасност на дело на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје

//Енергетска ефикасност на дело на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје

Енергетска ефикасност на дело на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје

Инвестицијата во системот за управување со објекти на аеродромот Александар Велики во Скопје изнесува 100.000 евра, а преку заштеда на електрична енергија повратот на инвестицијата е година и половина.

Практична примена на системи за заштеда на енергија и нивна примена во бизнис секторот е еден од приоритетите на платформата за енергетската ефикасност „Размисли и заштеди“  што во октомври годинава ја започнаа Министерството за економија и ЕВН Македонија. Во насока на истакнување на позитивни примери на веќе применети решенија, министерот за економија Ваљон Сарачини и претседателот на управниот одбор на ЕВН Македонија Вернер Хенгст го посетија аеродромот „Александар Велики“ каде беше презентиран Системот за управување со објекти.

Инвестицијата на ТАВ Македонија во Системот за управување со објекти изнесува 100.000 евра, а нуди заштеда на енергија од околу 20% годишно. Повратот на инвестицијата преку заштедените средства за електрична енергија е година и половина.

Ова е одличен пример како функционира примената на енергетска ефикасност на дело. Преку примената на системи кои сериозно ја намалуваат потрошувачката на електрична енергија компаниите си обезбедуваат поголема конкурентност и оптимизација на трошоците. Праксата покажува дека инвестициите во енергетски ефикасни системи во бизнис секторот преку намалување на трошоците за електрична енергија се враќаат во период од една до пет години. Тоа е уште еден дополнителен мотив за сите компании сериозно да се посветат на овој сегмент од своето работење“, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини.

ЕВН Македонија подолг период работи на промовирање на придобивките за примена на енергетската ефикасност, а сега во заедничката акција со Министерството за економија целта е дополнително да се популаризира овој концепт и да се поттикне поширока примена.

„Да живееме и работиме со ист квалитет, но со помалку потрошена енергија е мотото на нашата компанија. Праксата покажува дека постојат субјекти кои инвестираат во енергетски ефикасни решенија. ЕВН Македонија и понатаму ќе им нуди поддршка и совети на сите заинтересирани субјекти во насока на што поголема оптимизација на трошоците и поголема примена на енергетски ефикасните решенија“, изјави Вернер Хенгст претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Инаку, преку презентираниот систем за управување со објекти на аеродромот „Александар Велики“ се врши контрола на базичните системи во објектот односно осветлувањето, греењето, ладењето и вентилацијата преку софтверска апликација со што се овозможува заштеда и оптимизација на потрошувачката на енергија. Истовремено преку „SKADA“ системот се прикажува моменталната потрошувачка на енергија, а при нејзино зголемување системот алармира и овозможува намалување на оптимално ниво со користење на Системот за управување со објекти.

ТАВ Македонија на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје имплементираше cистем за управување со објекти, кој како сеопфатно решение нуди одговор на сите модерни дилеми во врска со енергетски ефикасни решенија, без притоа ни најмалку да го компромитира квалитетот на услугата којашто ја даваме на нашите патници или безбедноста на клучните воздухопловни системи. Искрено се надевам дека многу компании ќе го следат нашиот пример за енергетска ефикасност, бидејќи ваквиот пристап е поволен не само за подобра и поздрава животна средина, туку и за заштеда на ресурси. ТАВ Македонија е компанија која секогаш е подготвена и отворена за соработка, па би ни било драго да го споделиме нашиот модел со сите заинтересирани организации“, изјави Зоран Крстевски, Генералниот менаџер на ТАВ Македонија.

Енергетската ефикасност и нејзината примена е од исклучителна важност не само за компаниите и потрошувачите, туку и за обезбедување на енергетскиот систем во целина на долг рок.

Во октомври годинава Министерството за економија и ЕВН Македонија заедно ја започнаа платформата за енергетска ефикасност – „Размисли и заштеди“. Во рамките на платформата предвидени се низа активности како работилници за мали и средни претпријатија, новинари и студенти,  тркалезни маси како и специјална емисија „Енергетска азбука“, во која ќе се обработуваат повеќе теми од сегментот на електричната енергија и енергетската ефикасност. Министерството за економија и ЕВН Македонија ги повикуваат сите заинтересирани страни да се вклучат во оваа инцијатива во насока на што поголемо промовирање и примена на енергетската ефикасност.

 

04.12.2012

By | 2012-12-04T16:30:54+00:00 04/12/2012|Авиосообраќај|