Продолжи Расправата По Ребалансот На Буџетот За 2012

/, Македонија/Продолжи Расправата По Ребалансот На Буџетот За 2012

Продолжи Расправата По Ребалансот На Буџетот За 2012

Собраниската Комисија за финансирање и буџет ја продолжи расправата по ребаланост на Буџетот за 2012 година.

Миле Андонов од СДСМ рече дека и ребалансот нема да даде развој, дека е преобемен и оти буџетскиот дефицит е нереален.

– Опозицијата е резервирана  дека тој буџетски дефицит од 2,5 проценти е реален. Голем дел од обврските од претходните години се префрлаат во наредните. Факт е дека и тие буџетски дефицити од година во година рапидно растат. Во првите од 2007 до 2009 година биле 375 а сега, а во последните три години се 560 милиони евра. Тоа е разлика од 200 милиони евра и ако сите тие дефицити ги собереме за шест години изнесуваат 930 милиони евра. Лошо е тоа каква е структурата на тие буџетски дефицити, дали се трошени за пораст на економијата  или за нешто непродуктивно, рече Андонов.

Според него, Владата треба да ја смени експанзивната фискална политика и да се спроведе политика која нема да креира толку високи буџети, високи буџетски дефицити, наталожени долгови кон фирмите и кредитни задолжувања.

Вицепремиерот и министер за финансии во реплика посочи дека големината на буџетот се мери преку неговото зафаќање од БДП и оти тоа со ребалансираниот Буџет е помало од многу европски земји. И за забелешките за буџетскиот дефицит посочи дека тој е еден од најниските во Европа и оти дефицитот, како што рече, е продуктивен во вакви кризни времиња.

Ставрески потенцира дека помошта на стопанството се гледа и преку тоа што Владата не ги зголеми даноците, а поддршка се и капиталните инвестиции кои со ребалансот се за 20 проценти повисоки отколку минатата година. – Над 1.000 фирми од Македонија, кои во овие 4-5 години просперирале и обезбедиле работа благодарение на капиталните инвестиции. Тоа е директната поддршка од буџетот на Република Македонија на стопанството, истакна министерот.

Во делот на средствата одвоени за плати од буџетот, рече дека вкупно со ребалансот се предвидени 23,011 милијарди денари што е 4,8 отсто од БДП, за разлика од 2005 година кога за плати и надоместоци се одвојувале речиси двојно повеќе – 7,7 проценти од БДП.

Билјана Каџанџиска од СДСМ со критики дека со ребалансот е доведена во прашање исплатата на пензиите, дека не се поддржуваат сиромашните и невработените, дека не се води грижа за рамномерниот регионален развој, за образованието, за индексот на мизерија…

Министерот Ставрески ги отфрли наводите за пензиите. – Каква е поддршката за пензионерите. Секоја прва недела од месецот пензионерите на својата смета ги добиваат своите пензии и тоа во целост. За разлика од времето кога лидерот на СДСМ ги скрати 8-те проценти и им исплаќаше пензии во три рати, рече министерот.

За забелешката дека не се исплаќаат средства за трето и четврто дете, рече дека Владата и натаму дава финансиска поддршка за трето дете и поддршка за мајка што ќе одгледа четири деца да добие семејна пензија. – Такви мерки не можете да замислите, ниту да размислите, а камо ли да предложите, реплицираше Ставрески.

За сиромашните семејства и нивната поддршка, тој истакна дека социјалната помош што ја добиваат е во просек повисока за 31 процент во однос на помошта што ја добиваа до 2006 година.

Министерот се согласи дека многу луѓе имаат проблеми и оти Владата работи токму на тоа, но оти тоа не може да се реши на краток рок.

За мизеријата посочи дека таа многу порано ја донесе некој со лошата приватизација кога лидерот на СДСМ затвори фабрики и избрка работници. – Вие ја направивте мизеријата и сиромаштијата, ние треба да ја решаваме. Она што можевме да направиме е тоа што ја намаливме невработеноста и во голем дел се зголеми бројот на вработени, рече Ставрески.

Менде Диневски се осврна на намалувањето на средствата во здравството при тоа велејќи дека политиката што ја води Владата покажува дека здравството не е нејзин приоритет.

Министерот за финансии на вакви забелешки одговори дека кратењата се направени кај помалку суштинските активности, односно само од проекти и активности кои директно не влијаат врз здравството и здравјето на луѓето.

Расправата по предложениот ребаланс на Буџетот за 2012 година во Комисијата почна вчера. На предложениот текст има поднесено над 400 амандмани.

[custom_frame_center]Продолжи расправата по ребалансот на Буџетот за 2012Продолжи расправата по ребалансот на Буџетот за 2012[/custom_frame_center]

Извор: www.press24.mk

Датум на објава: 03.05.2012

By | 2012-05-03T15:04:32+00:00 03/05/2012|Eкологија, Македонија|