Античкиот Град Стибера е Подготвен за Туристички Посети

/, Туризам/Античкиот Град Стибера е Подготвен за Туристички Посети

Античкиот Град Стибера е Подготвен за Туристички Посети

Античкиот град Стибера е подготвен за туристички посети. Сите пронајдоци кои датираат од 3 век пред до 3 век од нашата ера ќе бидат конзервирани и реконструирани. Статуите откриени од ова наоѓалиште се изложени пред зградата на владата и во музеите во Скопје и Белград.

Античкиот локалитет, Стибера, кој што се наоѓа во непосредна близина на прилепското село Чепигово, наскоро ќе биде презентиран и отворен за туристички посети. Во тек се активностите за конзервација на сите досега откриени градби кои говорат за животот во овој антички град, кој егзистирал од 3 пред, до 3 век од наша ера, со преку 20.000 жители. Од откриените архитектонски градби се издвојува гимназионот, што се состои од две одделни градби: Хероон со светилиште и Перистил со предворје и екседра.

„Стручњаците претпоставуваат дека е тоа  град од 20.000 жители, значи ова е еден многу мал сегмент, меѓутоа бидејќи се наоѓа на една тераса на едно плато непосредно до патот, ќе имаат и случајните минувачи и туристите или и намерниците можност да видат добар дел од тоа”, вели Кире Јованоски, архитект, конзерватор советник во Завод и Музеј Прилеп.

Во Херонот биле чувани статуи, бисти херми, стели и постаменти со натписи, декрети, победнички трофеи направени во чест на заслужни граѓани, победници во натпревари и истакнати донатори на гимназионот. Во подножјето на бедемот, над патеката имало седишта од каде публиката можела да ги следи натпреварите. Тука биле одржувани трки, фрлање диск, стрели, копје, што на градот му давале посебна убавина и свечена атмосфера.

Цела ризница од подвижни археолошки материјали, откриени досега:  керамички садови, монети, мермерни споменици, околу дваесетина постаменти и плочи со натписи и голем број на мермерна пластика се веќе изложени во прилепскиот музеј, во Музејот во Скопје, дел од 30ина статуи и бисти на угледни граѓани се изоложени пред Владата, дел се наоѓаат одамна во музеите Белград.

„Опфатени се со проектот сите објекти дефинирани и недефинирани, ископани во последниве 3 до 4 години, многу значајни објекти, можеме да ги напомениме комплексот на култни објекти, каде се одржувале култови кон одредени божества или личности”, истакнува Јованоски.

Во внатрешноста на градот, кој што бил обиколен со кршен камен, се откриени темелите од некогашниот храм посветен на божицата на судбината  Тихе, а подигната во спомен на една богата граѓанка. Преку конзерваторските зафати каде што има и делумна реконструкција, сите објекти ќе добијат волумен и содржина, погодни за туристички посети. Овие архитектонски градби, говорат за економското богатство и моќта на семејствата и укажуваат на важноста и угледот што овој град го поседувал во тој период од неговата историја.

Министерството за култура за конзервација на овој антички локалитет одвои 2,5 милиона денари, поточно во целост ќе ја финансира програмата на Музејот за заштита на остатоците од Стибера.

Превземено: Телма

Датум на објавата: 05.08.2012

Термин: 18.30 часот

Автор: Моника Талеска

By | 2012-08-06T10:47:41+00:00 06/08/2012|Култура, Туризам|