Едни Училишта Преполни, Други Едвај Составуваат Паралелки

//Едни Училишта Преполни, Други Едвај Составуваат Паралелки

Едни Училишта Преполни, Други Едвај Составуваат Паралелки

Некои училишта во земјава мака мачат да формираат паралелки во основно или средно образование, а други бараат дозвола за формирање нови. Во одделни градови, особено во западниот дел од земјава, има недостиг од паралелки, а во еден клас има и по 40 ученици, додека во други градови едвај се формира и еден клас. Овој дисбаланс им создава проблеми не само на учениците, туку и на локалните власти и на Министерството за образование и наука.

Иљаз Халими од секторот за образование во општина Тетово вели дека годинава имало потреба за уште две паралелки по албански јазик во средното медицинско училиште, но ресорното министерство не дало зелено светло.

Училиштето има просторни услови, но не знам зошто МОН го одби барањето. Имаме проблем и со неколку основни училишта во кои исто така има премногу деца во една паралелка и ни се потребни повеќе. Исто така нема училиште во кое не се учи во две смени. Во основното училиште „Наим Фрашери” учат и по 40 деца во еден клас. Добивме кинеска донација за изградба на ново училиште, но има проблеми и во други училишта. Многу згради исто така имаат проблем со инфраструктурата вели Халими.

Во општина Струга пак, проблем има само во основното училиште во село Подгорци, каде што МОН прво дало дозвола за отворање паралелки, па ја повлекло.

Веќе три години дваесетина ученици не можат да добијат дипломи. Инаку ние имаме проблем што немаме деца во училиштата. Драстично е намален, па државата треба да размисли зошто ни се случува ова. И во основни и во средни училишта некаде едвај се формира паралелка. Од средните најзагрозено е текстилното училиште. Ни требаат поатрактивни профили вели раководителот на секторот за образование.

Во општина Штип исто така има се помалку ученици. Комисијата за образование одлучи средното „Димитар Мирасчиев” да формира паралелки со помал број ученици. Според информациите, интересот за ова училиште во континуитет се намалува, што е причина веќе неколку години училиштето да работи под минимумот потребни ученици за настава.

Оваа година во првиот уписен рок се запишале 13 ученици, што не е доволно, бидејќи минимумот за формирање еден клас е 25 ученици. Ако во вториот уписен рок се достигне квотата, ќе биде формирана барем една паралелка, но ако нема доволен број на ученици, во средното текстилно училиште ќе се работи под минимумот констатирала комисијата.

Од градот Скопје информираат дека досега нема пристигнало барање за нови паралелки во ниту едно средно училиште, а за исполнетоста на предвидениот број ќе се знае по завршувањето на последниот уписен рок, кој почна на 16 август.

Од Министерството за образование и наука објаснуваат дека бројот на паралелките се договара заедно со општините.

Во училиштата каде има просторни услови и потреба за повеќе паралелки, се дава дозвола, но не може да се оди спротивно на капацитетите на училиштата. Ако некаде има место за 500, не може да се запишат 700 ученици. Што се однесува до проблемот со празни и полни училишта постојано правиме кампањи и апелираме учениците да не се запишуваат во училишта што нудат професии за кои нема работа, но не можеме со сила да ги тераме учениците  велат од МОН.

Заменик – министерот за образование Сафет Незири вели дека годинава, според конкурсите за средно образование, се обезбедени плус 1.200 места за учениците по албански наставен јазик, а повеќе места има и за македонските, но тоа не значи дека ќе има и нови паралелки.

Има училишта што се празни, некои се преполни. Треба да направиме посебна анализа за овој проблем за да најдеме решение. На пример, училиштето „26 Јули” во Шуто Оризари има 2.300 ученици, а има капацитет за 800. Учениците ќе мора да учат и во четврта смена. Се надеваме дека наскоро ќе го решиме проблемот. Дисперзираните паралелки од земјоделска насока на „Киро Бурназ” во Липково имаат училиште што се распаѓа. Ќе мора да најдеме решение за околу 80 ученици што се пријавија годинава. Главниот проблем е секако интересот за упис во економските, медицинските училишта и гимназиите, кои се преполни. МОН и Владата се трудат преку различни проекти да ги промовираат и другите струки  вели Незири.

Основци се помалку

Според податоци од Државниот завод за статистика, во средното образование во континуитет има зголемување на бројот на паралелките. Во 2008 година имало 3.267, а лани 3.477 паралелки. Во основното образование во 2008 година имало 10.692, а лани 10.713 паралелки. Инаку бројот на учениците Македонци и Албанци се намалува во основното образование. Во 2010 година имало 109.765 основци Македонци и 66.156 основци Албанци, а во 2009 година имало 112.293 Македонци и 69.922 Албанци. Слична е состојбата и во средното образование со македонските ученици. Ако во 2010 година имало 56.863 македонски ученици, во 2009 година биле 58.611. Бројот на Албански ученици во средно, пак се зголемува. Во 2010 имало 27.955, а во 2009 година 27.663 ученици. Во 2010 година најмногу паралелки во основното образование имало во скопскиот, полошкиот и југозападниот дел, а најмалку во вардарскиот и источниот. Слична е состојбата и во средното образование.

[custom_frame_center]Едни Училишта Преполни, Други Едвај Составуваат Паралелки[/custom_frame_center]

Превземено: Дневник

Датум на објавата: 21.08.2012

Автор: Милена Атанасоска Манасиева

By | 2012-08-21T02:35:11+00:00 21/08/2012|Образование|