Интернетот ќе ги Замени Тезгите

/, Информатичка технологија/Интернетот ќе ги Замени Тезгите

Интернетот ќе ги Замени Тезгите

Тетовски грав по 150 денари килограм, домашен мед по 250 денари за тегла или живо теле по 150 денари жива мера. Ова се само дел од земјоделските производи што се нудат на продажба преку малите огласи на страницата на Федерацијата на фармери на Македонија.

Освен земјоделски производи, може да се купи и земјоделска механизација, приклучни машини, семе, расад и слично. Се продава речиси од сите краеви на земјава, а дел од огласувачите одат до таму што нудат и достава на купената стока ако е во поголема количина. Во земјоделските здруженија велат дека мора да го следат напредокот и произведеното да го продадат, бидејќи само така ќе може да преживеат.

Најголем дел од стоката им ја продаваме на трговци, кои понатаму ја пласираат на домашен пазар или ја извезуваат. Но останува и дел кој сами го продаваме. До лани стоката ја огласував на малите огласи по весниците и добро ми одеше. Од оваа година сум и на страницата на Федерацијата. Ја продадов речиси цела произведена количина грав. Овој начин на пласман на стоката ми одговара бидејќи не губам време по пазарите, а произведеното завршува таму каде што треба  вели Горгија Атанасоски од Тетово.

Пеце Чавдаровски нуди мед, пчелин восок, прополис, матичен млеч, но и пчелини матици. Вели дека на ваков начин подобро му се пласира робата. На огласите може да се купи и земјоделска механизација за одгледување шеќерна репка, овчо сирење за 250 денари килограм, гуми за трактори и приклучни машини.

Во Сојузот на земјоделците на Македонија велатдека иако интернетпродажбата е во почеток, не е за занемарување.

Со берзите на земјоделски производи што ги објавуваат и министерствата, но и земјоделските здруженија, граѓаните и фирмите се информираат за движењето на цените по пазарите. Ако на почетокот тие беа многу малку посетени, сега тоа е редовна обврска на сите што работат со трговија на земјоделски производи. Се надеваме дека за кратко ќе заживее и продажбата на земјоделски производи на ваков начин од индивидуалните земјоделци  велат во Сојузот.

Неделно објавување на цените на земјоделските производи има и на страната на Министерството за земјоделство. Овде се објавуваат цените на производите по пазарите на големо и на мало. Освен за овошје и зеленчук се собираат и објавуваат податоци и за цена на пченицата и на другите житни производи, за брашното и за месото свинско, пилешко, и говедско. Експертите велат дека ова е еден вид земјоделска берза, која е корисна за сите.

Ова е пракса во секоја држава. Цените ќе може да ги види секој, од обичен граѓанин, па до лица што податоците ќе ги користат за научни цели  велат на Факултетот за земјоделство и храна. Во ресорното министерство посочуваат дека целосното функционирање на системите ќе овозможи поставување ефикасна земјоделска политика базирана на потребите и проблемите во секторот.

Со секојдневното обновување на податоците максимално ќе се редуцираат неправилностите и злоупотребите на трговците, ќе се подобри контролата и процена на тоа што се одгледува и се очекува да се олеснат процедурите за аплицирање на земјоделците за политиките на ЕУ истакнуваат во Министерство.

Земјоделците го поздравуваат овој проект и велат дека на ваков начин ќе се види кој ќарува на нивната мака и како во одредени периоди цените се менуваат без никаква логика.

[custom_frame_center]Интернетот ќе ги Замени Тезгите[/custom_frame_center]

Превземено: Дневник

Датум на објавата: 26.12.2012

Автор: Валентина Ангеловска