Оној момент кога ќе почнете правилно да ја негувате вашата кожа, таа ќе ви врати со своето здравје и убавина. Научете како да и овозможите да изгледа убаво, здраво и негувано.
Основната дневна рутина на нега на кожата се состои од четири чекори: за да ја пронајдете вистинската формула, важно е да го знаете типот на вашата кожа, односно дали таа е мрсна, комбинирана, чувствителна и сува.
Чекор 1: Чистење
Следете ги советите од вашиот дерматолог, кој ќе ви ги препорача соодветните препарати за чистење на лицето. Корисен совет е да избегнувате користење сапун за миење на лицето. Користете лесни гелови што може да ги купите во аптека. Многу средства за чистење на лицето содржат масло, површински активни материи што ги чистат шминката и нечистотијата од кожата. Правилната ефикасност од козметичките препарати за чистење е правилната доза на маслото во нив. Ако во препаратот за чистење има премногу масло, ќе ги затвори порите на лицето. Со оглед на тоа, од особена важност е да се знае типот на кожата.
Со пречесто чистење на кожата ќе се отстрани и нормалната маснотија што прави таа да изгледа здраво и негувано. Тоа се однесува најмногу на лица што имаат масна кожа, кои често го чистат лицето и на тој начин се обидуваат д а го намалат сјајот на лицето. Како резултат на тоа, кожата ја чувствуваат затегната и груба, што не е добро. Доколку го чистите лицето повеќепати на ден, тоа не е добро, само ќе ја влошите состојбата на вашето лице и кожата реактивно ќе почне да лачи повеќе лој (себум).
Најважно е лицето да се чисти навечер пред да си легнете, а наутро само да го измиете со вода. Меѓутоа, доколку навечер употребуваат препарати за хидратација, морате и наутро да го исчистите. Никогаш не мијте го лицето со многу ладна вода или со многу топла вода (поради опасност од пој ава на ситни капилари) и никогаш не легнувајте без да ја исчистите кожата од шминка. На тој начин правите добра подлога да ви се затворат порите.
Најдобар начин на чистење на лицето е нежно нанесување средство за чистење (со лесни кружни движења). Потоа лицето треба да се измие со малку топла, па ладна вода, за да ги намали проширените пори.
Чекор 2: Пилинг
Многу жени го избегнуваат пилингот или не го прават доволно често, не помислувајќи на тоа дека и мал лесен пилинг е доста делотворен и овозможува да му го подобрите квалитетот на вашето лице. На секои три недели кожата нормално се обновува, што значи клетките од најдолниот слој на кожата ќе стигнат до нејзината површина. Полесен и побрз начин на обновување на кожата е редовниот пилинг. Освен што ги отстранува изумрените површински клетки од кожата, прави таа да изгледа понегувано, свежо и полесно ги апсорбира хидрантните козметички препарати. Ако имате мрсна и комбинирана кожа, пилингот можете да го правите и трипати во неделата со посебни препарати што се користат во домашни услови, препорачани од вашиот дерматолог. Доколку имате сува и чувствителна кожа, доволно е и еднаш во неделата да правите пилинг. Кога е топло во летните месеци, пилингот правете го почесто, бидејќи кожата повеќе се поти и поради тоа изгледа нечисто и мрсно, па самите залепени површински кожни клетки не и дозволуваат да дише и ја чувствуваат како под оклоп.
Чекор 3: Хидратација
Од особена важност е хидратацијата на кожата. Кај акните, и преголема хидратација може само да ја влоши состојбата. Затоа од особена важност е правилната и умерена хидратација.
Чекор 4: Заштита од УВ – Зраци
Штетните сончеви зраци се најчест непријател на кожата. Штетните сончеви зраци се најчест причинител за настанување брчки, поради тоа е важно да користиме кремови со висок заштитен фактор. Дневниот хидратантен крем треба да содржи заштита, а пред да одлучите за вистинскиот производ, проверете дали тој содржи барем една од трите активни материи што штитат од УВА и УВБ – зраци (титандиоксид, цинкоксид или парсол 1789). Ноќниот крем треба да биде без заштитен фактор. Доколку се придржувате на овие совети и доколку го консултирате вашиот дерматолог за правилна нега на вашиот тип кожа, ќе овозможите вашата кожа да биде здрава и негувана, а вие ќе се чувствувате задоволно и среќно.
[custom_frame_center][/custom_frame_center]
Превземено: Нова Македонија
Датум на објавата: 30.06.2012
Автор: Д-р Искра Петровска Шешова
специјалист дерматолог