Како Супермаркетите Прават Зависници од Нас

//Како Супермаркетите Прават Зависници од Нас

Како Супермаркетите Прават Зависници од Нас

Иако во моментот кога на каса во супермаркетот плаќаме за намирниците сме уверени дека сите производи кои се во количката ни се потребни  во реалноста тоа често не е така. Некогаш поради истекот на рокот на траење на производите или неможноста се да консумираме  ја фрламе храната и со тоа фрламе пари. Можеби тоа на неделна основа изгледа безопасно, но ако се замислиме дека на годишна основа така може да се фрлат пари во вредност на еден помал телевизор, време е да се направи промена.

Супермаркетите се неверојатно вешти во промоција и маркетинг на своите производи. Тоа е и природно, со оглед на зголемената конкуренција на пазарот. Триковите се различни, од стратешко позиционирање на одредени видови храна за важните точки во продавниците, до истакнување на цената на поединечни артикли иако се продаваат во групи и пуштање на бавна музика која не тара потсвесно да одиме побавно и визуелно да покриеме поголема површина.

СНАОЃАЊЕ ВО ЛАВИРИНТОТ

Современите супермаркети ги карактеризира голем простор и тие се продолжение на концептот развиен во ’30тите, ’40тите и ’50тите години на минатиот век во САД. Со тоа обезбедуваат доволно простор за неверојатен опсег на производи и голем избор. Изборот на стоки е често толку голем што постојат студии кои зборуваат за проблемите со кои се соочуваат потрошувачите денес. Така, во една студија од 2004 година психологот Дриц Сигман тврди дека во однос на изборот на храна „луѓето денес мораат да донесат повеќе одлуки во еден ден отколку што морал да направи пештерскиот човек во целиот свој живот”. Сепак, иако навидум пространи и големи, современите супермаркети и нивниот простор се организирани со импресивна прецизност и редоследот на елементите во нив е наменет да го фокусира вашето внимание на одредени делови од продавница.

РАЗМЕСТУВАЊЕ НА ПРОИЗВОДИТЕ

Некои маркети се поснаодливи во успорувањето на траењето на поединечните набавки така што периодично ги разместуваат артиклите на други позиции во маркетот. Во превод тоа би значело дека на нас, купувачите, ќе ни треба повеќе време за навигација низ маркетот што на крај ја зголемува можноста да потрошиме повеќе пари и да го видиме поголемиот дел од понудата.

ПОЗИЦИОНИРАЊЕ НА ПРОИЗВОДИТЕ НА НАМАЛУВАЊЕ

По правило секој супермаркет има еден или два централни ходници низ кои луѓето најчесто поминуваат. Трговските ланци свесно го организираат просторот на тој начин и точно во тие големи ходници ги поставуваат акциите и посебните понуди. Но, често во тој случај се работи за своевидна манипулација бидејќи кога ќе ги погледнеме понудите кои се кријат зад слоганите „купи еден, другиот го добиваш бесплатно” вреди да се искористи калкулатор и да се размисли колку тој попуст нам ни се исплати. Ако на пример се работи за производ кој лесно би можел да се расипе, а имате потреба да консумирате само едно парче од тој производ  на крајот сте во губиток бидејќи сте ја зголемиле потрошувачката за дополнителен производ кој вам не ви треба. Бидете свесни за тежината и квалитетот на производот пред да го споредите со конкурентскиот производ. Често „попопуларниот” артикл има тежина од околу 400 грама за цена поголема од цената на конкурентскиот производ кој нуди поголема тежина и еднаков квалитет за помала цена.

ОДДАЛЕЧЕНОСТ НА ОСНОВНИТЕ НАМИРНИЦИ ЗА ЖИВОТ

Особено интересна работа е тоа што често основните намирници за живот како лебот, брашното и млекото кои најголемиот број луѓе ги купуваат се сместени во другата половина на маркетот така што на патот до нив морате да поминете покрај многу други артикли кои ќе ви го привлечат вниманието.

ПАКУВАЊЕ НА ЗЕЛЕНЧУК И ОВОШЈЕ

Уште еден од триковите кои супермаркетите го имаат во ракав е и одделот со овошје и зеленчук. Не случајно овошјето и зеленчукот се прва работа на која ќе налетате при влегувањето во супермаркет. Прекрасни бои и мириси и навидум обилната понуда делува на потрошувачите на начин како да ги повикува да купат ако ништо друго барем малку. Кога веќе ќе почнеме да ги полниме кесите со овошје и зеленчук доаѓаме и до најважниот момент. Веројатно веќе сте се нашле во ситуација погрешно да процените колку зеленчук и овошје вам ви треба и да сфатите дека сте купиле премногу. Тоа е само еден дел на кој маркетите сметаат. По правило преферираат да продаваат овошје и зеленчук на начин самиот потрошувач да земе и оцени колку му треба. Зошто? Едноставно, на тој начин купуваме повеќе и трошиме повеќе отколку кога би купувале поединечни артикли или однапред стандардизирани пакети со овошје и зеленчук. Нормално ова не функционира со сите видови овошје и зеленчук, но за повеќето функционира. Многу едноставно  многу делотворно.

СВЕЖ ЛЕБ, ЖИТАРКИ И СМРЗНАТА ХРАНА

Мислите дека повикувачкиот мирис на лебот и свежо печените деликатеси е случаен? Нормално дека не. Лебот би можел уредно да се пече и во просторија одвоена од продажниот простор, но на тој начин потрошувачите не би можеле да бидат привлечени од мирисот на свежо испечен леб. Трик кој во својата основа не е ништо револуционерно, но практично делува. Исто така делот со житарките и разноразните органски снегулки не е случајно преполн со јаки бои кои за задача имаат да привлечат деца, како таргетгрупа на потрошувачи. На крајот на приказната обично се наоѓа и делот со смрзната храна. Ако некогаш сте се запрашале зошто делот со смрзнатата храна е организиран по малку конфузно така што морате да го прегледувате секој фрижидер посебно, одговорот лежи токму во тој факт дека скоро секогаш во прегледувањето ќе наидете на сладолед или на ред други артикли на намалување.

ШЕЌЕР ЗА КРАЈ

На самите каси се наоѓаат безброј чоколади, ситници и мастики за џваќање кои на прв поглед изгледаат евтино. Мастики кога не ни дошле добро нели ? Еве ви осум совети за рационална потрошувачка

1. Направете попис и држете се до него. Ако треба долго да го барате производот и без разлика на многуте шарени артикли околу вас најдете го токму него.

2. Во продавница не одете гладни. Докажано ќе потрошите повеќе

3. Имајте доста време. Секогаш се исплати да ги проучите цените и декларациите. Некогаш од навика купуваме роба која објективно не вреди, а конкурентската марка на истата роба нуди повеќе за истата цена

4. Ако имате можност не одите со деца во продавница. А ако не е можно, бидете јаки и не попуштајте на нивните барања. Ако не можете да одолеете на нивните барања понудите им можност да изберат еден производ по свој вкус.

5. Секогаш проверувајте го рокот на траење на производите. Некогаш производите на одредена акција се со поминат рок.

6. Купувајте овошје и зеленчук на парчиња. Освен што ја намалува потрошувачката и потенцијално фрлањето на храна, штедите и на пластичната амбалажа. Исто така по правило сезонското овошје и зеленчук е поповолно од она на кое не му е сезона.

7. Следете го движењето на цените и намалувањето на интернет. Денес постојат специјализирани интернетстраници на кои можете да ја пресметате најдобрата понуда за вас и вашиот паричник.

8. Уживајте во купувањето и подготвувањето на храната и останатите намирници.

[custom_frame_center]Како Супермаркетите Прават Зависници од Нас[/custom_frame_center]

Превземено: Вечер

Датум на објавата: 29.10.2012

By | 2012-10-29T03:32:33+00:00 29/10/2012|Маркети|