Красти од пазарска шминка

//Красти од пазарска шминка

Красти од пазарска шминка

Алергиските реакции на кожата се последица од несоодветната температура и влага за чување на производите на пазар, кои влијаат врз квалитетот на шминката, велат дерматолозите.

Осмомартовската треска оваа година се пресели на пазарите. Најнападнати се тезгите со козметика, а најбарани женските колонски води. Дерматолозите предупредуваат дека шминката која непрописно се чува и се продава на тезгињата по пазарите, може да предизвика воспаление на кожата, а во одредени ситуации да доведе и до појава на красти. Алергиските реакции на кожата се последица од несоодветната температура и влага на чување на производите, фактори кои многу влијаат врз квалитетот на козметиката.

“Секој што ќе реши да купува производ од пазар, првин треба да го провери неговиот квалитет. Козметичкиот препарат треба да содржи соодветна декларација од увозникот, име на производителот, датум на производство и рок на траење. Многу е важно производот да биде херметички затворен во неоштетена амбалажа. Местото на купување не е пресудно ако се почитувани овие критериуми”, вели Весна Бришкоска, кожен лекар од поликлиника “Идадија” во Скопје.

Најчести последици од употреба на лоша шминка се црвенило, иритација, боцкање на кожата и солзење на очите. Потешки форми, вели Бришкоска, се контактна алергија (контакт дерматит), која се манифестира со изразено чешање, јадеж, црвенило, оток, со брончиња и меурчиња. Понекогаш кога кожата е исипана, може да излегува течност од брончињата или да се создаваат красти.

“Во случаи на иритација на кожата, треба веднаш да се прекине со употреба на производот и да се консултира дерматолог”, вели Бришкоска.

Според неа, граѓаните треба да купуваат козметички производи од аптеките и од парфимериите, поради тоа што тие нудат поголема гаранција за потеклото и за производот што го продаваат.

“Истите козметолошки производи кои се нудат на пазар и во продавниците може многу да се разликуваат по тоа дали се оригинални, колку време се стоени, во какви услови се чувани, од каде се набавени и дали имаат соодветна декларација”, вели Бришкоска. Таа нагласува личната козметика да се купува од козметички продавници кои нудат производи со проверен квалитет.

Во текот на 2011 година, Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил контрола на 1.766 пратки козметички производи, при што 13 од нив биле здравствено небезбедни и биле вратени во земјата извозник.

“Кога има одредени сознанија за евентуални небезбедни производи на пазарите, задолжително правиме надзор”, изјавија од ДСЗИ. Од таму апелираат и граѓаните што имале несакани од ефекти од пазарска козметика, случаите да ги пријавуваат во Инспекторатот.

Местото на купување не е пресудно ако се почитувани критериумите за квалитет, тврдатдерматолозите

Превземено: Вест

Датум на објавата: 06.03.2012

Автор: М.Горѓиевска

By | 2012-03-06T06:50:14+00:00 06/03/2012|Козметика|