Кредитот Осигурај го со Животно Осигурување

//Кредитот Осигурај го со Животно Осигурување

Кредитот Осигурај го со Животно Осигурување

Во Македонија почнува да се нуди осигурување во банкарскиот сектор. Станува збор за нов производ на Охридска банка која во партнерство со Граве Осигурување и Сожелајф од Бугарија ќе дистрибуира кредитно животно осигурување за македонските клиенти.

Како што појаснуваат од банката, кредитното животно осигурување е иновативен производ што овозможува заштита на клиентите и на банката од неочекувани осигурани настани  смрт или траен инвалидитет.

Доколку корисникот не може да го врати кредитот, главнината на кредитот ќе ја врати осигурителната компанија од полисата за животното осигурување. Премијата за осигурувањето што ќе ја плаќа корисникот, ќе биде вклучена во месечниот ануитет за отплата на кредитот  рече Филип Котора, член на Управниот одбор на Охридска банка кој напомена дека понудата ја подготвувале подолг период и банката помина ригорозна процедура за лиценцирање при што ја приспособи организацијата, информативниот систем и се екипираше со кадар и надлежни лица за следење на вршењето на процесот на застапување во осигурувањето .

Дамиен Марешал, главен извршен директор на Сожелајф, Бугарија, чија компанија ќе ја има улогата на реосигурител, истакна дека искуствата од ваквиот производ се позитивни и во Романија и во Бугарија.

Направивме кованица од банкарски и осигурителни услуги која ќе им обезбеди мир и спокој на корисниците, а тоа значи безбедност и сигурност за нивните семејства  рече Марешал кој напомена дека Сожелајф има 6 милиони клиенти и оперираат со 10 милијарди евра во осигурителни премии.

Главниот извршен директор на Граве Скопје, Марко Микиќ верува во успешноста на овој, како што рече, хуман проект за граѓаните. Смета дека тоа ќе отвори нови перспективи во областа на кредитирањето што во иднина би го следеле и други банки и осигурителни компании.

Климе Попоски од Агенцијата за супервизија на осигурувањето нагласи дека искуствата покажуваат оти ова е многу важен начин на дистрибуција и оти во јужна Европа, односно во Италија, Португалија, Шпанија… ваквото осигурување учествува со 60% во животното осигурување.

Кредитното животно осигурување е наменето за сите типови кредити на населението, а во иднина ќе се покријат и кредитните картички. Може да аплицираат сите физички лица кои поднесуваат барања за нов кредит, како и постојните кредито-корисници.

[custom_frame_center]Кредитот Осигурај го со Животно Осигурување[/custom_frame_center]

Превземено: www.vecer.com.mk

Датум на објавата: 12.12.2012

Автор: С.Бл.

By | 2012-12-13T05:00:50+00:00 13/12/2012|Осигурување|