Најголемите Козметички Заблуди и Вистини

//Најголемите Козметички Заблуди и Вистини

Најголемите Козметички Заблуди и Вистини

[custom_frame_left][/custom_frame_left]

Козметичар

Заблуда: Механичкото чистење на лицето само ќе ги рашири порите и ќе ја зголеми масноста на лицето.

Вистина: По неколку третмани кај професионален козметичар и употребата на маски (на пример оние на база на бела глина), порите со сигурност нема да се рашират. Но, доколку сами се обидувате да ги исчистите во домашни услови, тогаш може да дојде со проширување. А ако, сепак се одлучите сами да го чистите лицето, тогаш може да направите маска од овесни снегулки или глина во комбинација со сок од лимон. Внимавајте само ова да го правите помеѓу два козметички третмани. Кожата може да ја тонирате со зелен чај или чај од коприва или камилица.

Пилинг

Заблуда: Пилингот со толчена семка од коската на праската или со крупната сол за готвење ефикасно ја чисти кожата на лицето.

Вистина: Секој пилинг треба внимателно да го применувате и да го почитувате упатството за употреба. Пилингот не се препорачува повеќе од еднаш неделно, под услов кожата да е здрава, без воспаление, рани или алергии. Пилингот од коска од праска може да ја оштети кожата, бидејќи ќе направи минијатурни пукнатини и ја остава кожата подложна на микроорганизмите. Истото дејство го има и крупната сол, која најмногу ја иритира кожата. Со неа може да ги истриете колената, петиците, лактите, но никогаш лицето или вратот.

Ноќна крема

Заблуда: Ноќната крема треба да се нанеси непосредно пред спиење.

Вистина: Неправилното нанесување на ноќната крема за лице околу очите ќе направи наутро да изгледате потечено, со подочници. Некои жени ја ставаат 10 мин. пред спиење и притоа не внимаваат како ја нанесуваат со што ја иритираат кожата. Секоја ноќна крема се става час и половина до два пред спиење.

Креми

Заблуда: Секоја крема треба да се нанесува во дебел слој, а вишокот ќе се впие со помош на марамче.

Вистина: Кожата впива онолку колку што ѝ е потребно и затоа нанесувањето на дебел слој нема смисла. Особено поради фактот што повеќето креми денес се полесни. Затоа, ако кожата го впила кремот и лицето не сјае, тоа не значи дека треба да нанесете уште еден слој. При нанесувањето на кремот и емулзиите мора да бидете штедливи.

Сува кожа

Заблуда: Сувата кожа не треба да се чисти, зашто нема митесери, ниту пак сјае како мрсната, па не е проблематична.

Вистина: Сувата кожа, исто како масната или комбинираната, мора да се чисти, но третманот е различен за секој тип кожа. Сувата кожа има потреба од третман еднаш месечно или, во најдобар случај, на два месеци.

Миење

Заблуда: Може да се миете со топла вода и сапун, особено ако имате мрсна кожа. Од топлата вода ќе се намали масленоста на кожата и полесно ќе ја исчистите.

Вистина: Сосема спротивно! Штом сте го отстраниле заштитниот слој, лојната жлезда поради шокот од топлата вода, почнува повторно да лачи, а со тоа дополнително замастената кожа е поподложна на воспалителни процеси. Треба да се миете со млака или ладна вода и со посебен гел или пена за лице, во зависност од типот на кожата. Алкалната средина на сапунот ја суши кожата и што е најважно го нарушува заштитниот слој; на тој начин кожата е погодна средина за инфекции.

Комбинирана кожа

Заблуда: На комбинираната и масна кожа не им е потреба хидратација.

Вистина: Дополнителната хидратација е неопходна за секоја кожа, особено во зима. Греењето, клима-уредот, ладниот ветер, жештината – сето тоа придонесува за предвремено стареење на кожата. Во зима на масната кожа може да се појават лишаи како и на сувата. Решението е еднаш неделно да нанесувате хидратантна маска, а еднаш дневно да нанесувате лесен хидратантен крем или емулзија и да пиете по два литра вода.

Мрсна кожа

Заблуда: Мрсната кожа задолжително мора да ја чистите со лосион што содржи алкохол за да ги уништите микробите и да ги исушите акните.

Вистина: Алкохолот го суши секој тип кожа, па и мрсната. Под порите кои се затвориле под дејство на алкохолот се собираат мрснотиите и се појавуваат митесери и акни. Ако обрнете внимание ќе забележите дека сите брендирани козметички производи за лице не содржат алкохол.

Сонцето и лицето

Заблуда: Потемнувањето е корисно за кожата на лицето: таа ќе изгледа поздраво, ќе исчезнат акните, а брчките нема да се забележуваат.

Вистина: Резултатите на неодамнешните дерматолошки истражувања докажаа дека ултравиолетовите зраци се опасни за кожата. Видливиот ефект на потемнувањето е привремено: честото изложување на овие зраци ја старее кожата, ги истакнува малите брчки, ја суши кожата и го уништува колагенот, а митесерите и акните за брзо време почесто ќе се појавуваат. Меѓутоа, ако ги почитувате препораките на дерматолозите и користите крем за заштита, носите очила за сонце и капа, сето ова може да го избегнете.

[custom_frame_center]Најголемите Козметички Заблуди и Вистини[/custom_frame_center]

Превземено: www.mnogoo.mk

Датум на објавата: 25.08.2012

Автор: Ана Славковска

By | 2012-08-27T04:15:12+00:00 27/08/2012|Козметика|