Не се Градат Откупни Центри. Откупните Цени Драматично Паѓаат

//Не се Градат Откупни Центри. Откупните Цени Драматично Паѓаат

Не се Градат Откупни Центри. Откупните Цени Драматично Паѓаат

Ниските откупни цени, несигурниот пласман, непланираното производство се најголемите маки со кои и оваа сезона се соочуваат земјоделците. Иако изградба на големи откупно-дистрибутивни центри кои би ги примиле, складирале и брендирале земјоделските производи во голема мера ќе ги решат проблемите на земјоделците, освен откупниот центар на Агрокор, сè друго остана само ветување

Во екот на откупната сезона на земјоделски производи, проблемот со откупно-дистрибутивните центри повторно излегува на површина. Ниските откупни цени, несигурниот пласман, непланираното производство се најголемите маки со кои и оваа сезона се соочуваат земјоделците. Но, иако изградбата на големи откупни центри кои ќе ги примат, складираат и брендираат производите во голема мерка ќе ги решат проблемите, освен откупниот центар на Агрокор, нови не почнаа да се градат. Во државата освен неколку големи откупни центри, кои што можат да се пофалат со ладилници, модерна технологија за пакување и складирање на овошје и зеленчук, останатиот дел од пласманот на земјоделски производи е неорганизиран, во примитивни услови. Откупните центри се мали и служат повеќе како складишта, отколку како откупен центар.

Неопходно е планско и брендирано производство

Земјоделците се жалат дека наместо да имаат договорно производство со откупните центри, каде што директно ќе го предаваат родот, при што ќе знаат колку и за кого да произведуваат во текот на годината, оставени се на волјата на трговците кои откупуваат по пониски цени и потоа со големи маржи препородаваат во откупните центри. Велат дека за да имаат поквалитетни земјоделските производи, поголем пласман, а со тоа и повисоки цени мора да се насочат кон брендирање на производството, наместо да извезуваат евтина суровина.

Претседателот на Здружението на раноградинари Кукла – градинар од струмичкото село Куклиш, Васил Митушев, вели дека речиси во секое струмичко село има импровизирани откупни центри, но недостигаат ладилници, машини за пакување и складирање. Единствен откупно-дистрибутивен центар во Македонија е оној на Агрокор.

„Тоа се трговци коишто откупуваат од земјоделците по пониски цени, а потоа многу поскапо ги предаваат во Агрокор. Ја рушат цената на земјоделските производи и наместо квалитетот, понудата и побарувачката, тие ја диктираат цената“, вели Митушев.

За да може да се прими целото производство во Струмичкиот регион, Митушев вели дека неопходно е да се изградат уште најмалку 3-4 откупни центри како Агрокор, со што би се подобрил и квалитетот на производството и цената.

„Сите најавуваат дека ќе градат откупни центри, ама досега не видовме ниту еден. Најави имаше од турски и од руски инвеститори, ама никој не сака да инвестира. Проблемот е во тоа што пазарот го диктираат трговците. Треба да има планско производство, односно да знаеме колку произведуваме и за кого произведуваме. Кога има голема понуда цените паѓаат, а во најголема загуба сме ние земјоделците“, вели Митушев.

Тој потенцира дека треба да се изградат откупни центри каде што ќе има брендирано производство, односно ќе се знае дека тие домати или пиперки се од Макдонија, а не како сега, кога македонските производи се извезуваат во соседните земји и се препакуваат со туѓа амбалажа.

„Си ја сечеме гранката на која седиме. Со години се исплаќаат субвенции за земјоделството, а резултатите никаде ги нема. Цените се ниски, примарното производство сè уште ни е во примитивни услови. Субвенциите се само за да ги покриеме загубите“, вели Митушев.

Во Преспанско има само еден ладилник за јаболка

Во Преспанскиот регион каде што годишно се произведуваат повеќе од 100.000 тони јаболка има само четири откупни центри за јаболка за јадење, два за индустриски јаболка, но само еден има ладилник за чување и складирање на производството со капацитет од 5.000 тони. Иако Владата најавуваше изградба на откупно-дистрибутивен центар во овој регион, со можност за јавно-приватно партнерство, на двата јавни повици за продажба на државно земјиште наменето за изградба на откупен центар, засега нема заинтересирани.

Oвоштарите од овој регион велат дека за јаболката да имаат подобра цена и квалитет, мора да се калибрираат и да се чуваат во ладилници. Но, услови за тоа нема.

„Неколку пати беше најавена изградба на откупно-дистрибутивен центар за јаболка во Преспанско-ресенскиот регион, во месноста Макази, но сè уште ништо од најавата. Проблемот кај нас е што немаме договорно производство. Мора да се регулираат овие односи, во спротивно не можеме да зборуваме за поголем извоз“, вели Стојче Камбуровски, сопственик на плантажи со јаболка во Преспа.

Тој додава и дека за да се прими целото годишно производство на јаболка во Преспанскиот регион, потребни се најмалку четири  откупно-дистрибутивни центри со капацитет од 25.000 тони јаболка, со ладилници. За оваа инвестиција потребни се околу 50 милиони евра.

„Сега ние продаваме во екот на сезоната, кога има голема понуда, пред сè на консумните јаболка и кога цената е пониска. Да имавме ладилници ќе можеше да се чуваат подолг период и да добијат подобра цена. Од овие причини не можеме да зборуваме за извоз, бидејќи на европските пазари се бараат производи со повисок квалитет, што ние во овие услови не можеме да ги задоволиме“, потенцира Камбуровски за „Капитал“.

Владата продава 25 локации за откупни центри

Според програмата на Владата, планирани се откупно-дистрибутивни центри на локаци каде што има поголемо производство на зеленчук и овошје. Министерството за земјоделство лани идентификуваше 14 локации за оваа намена, дел од нив беа објавени и продадени, а дел допрва ќе се огласуваат. Парцелата во Врапчиште ја купи турската компанија Актекс груп од Измир, а во Богданци на 5.000 метри квадратни откупно-дистрибутивен центар терба да гради инвеститор од Дубаи. Во Кочани, Облешево и во Штип ќе инвестираат домашни компании. На крајот на минатата година, Министерството за транспорт и врски локализираше уште 25 парцели наменети за изградба на откупно-дистрибутивни центри, кои годинава треба да се огласат.

Од Министерството за земјоделство велат дека за домашните инвеститори, државата ќе покрие половина од трошоците за изградба на откупно-дистрибутивните центри преку ИПАРД и преку Програмата за рурален развој.

[custom_frame_center]Не се Градат Откупни Центри. Откупните Цени Драматично Паѓаат[/custom_frame_center]

Превземено: www.kapital.mk

Датум на објавата: 27.06.2012

Автор: Александра Спасевска

By | 2012-06-28T01:40:28+00:00 28/06/2012|Земјоделство|