Преку Дубаи до Австралија и Побрзо и Поевтино

//Преку Дубаи до Австралија и Побрзо и Поевтино

Преку Дубаи до Австралија и Побрзо и Поевтино

Поевтино и побрзо до Австралија. Конечно, се отвора можност многу повеќе Македонци да патуваат кон Азија, Блискиот Исток, Австралија и Русија за попристојни цени и без многу малтретирање. Директната авиолинија од Скопје до Дубаи ќе го скрати времето патувањето и ќе ги намали цените за билет до Австралија. Од октомври нашите иселеници од најмалиот континент, но и од Нов Зеланд и Канада со авиокомпанијата „Флај Дубаи” добиваат можност да патуваат до Македонија многу побрзо и за помалку пари. Дотаму ќе може да се патува само со едно преместување во Дубаи, наместо како досега преку Истанбул и Дубаи. „Флај Дубаи” нема директни конекции со овие континенти, но најавува дека ќе соработува со авиокомпанијата „Емирати”, која има директни летови од Дубаи до сите овие дестинации.

„Најавената соработка со ,,Емирати” отвора навистина одлични можности за македонските граѓани кои сакаат да патуваат на исток, но и за нашите иселенички заедници на подалечните континенти. Тоа значи дека со ‘Флај Дубаи’ ќе може да се купи билет до Австралија, Канада, Кина, Тајланд за многу попристојни цени отколку досега. ‘Флај Дубаи’ нема линии кон овие дестинации, па така, доколку не се реализираше соработката со ‘Емирати’, до Австралија, на пример, ќе требаше да се плати билет од околу 1.500 евра, колку што сега нашите иселеници плаќаат за патувањето до Скопје”, објаснуваат во туристичката агенција, ,,Ел мундо”.

Со новата директна линија се отвора побрза и поевтина конекција до повеќе азиски држави, арапските земји во Персискиот Залив, Блискиот Исток и Африка. На македонските граѓани поблиску ќе им бидат Русија, Украина, Катар, Кувајт, Авганистан, Индија, до каде што авиокомпанијата од Обединетите Арапски Емирати, исто така, одржува редовни летови.

На дофат на нашите туристи, но и бизнисмени, само со едно преместување ќе им бидат украинскиот главен град Киев, Харков, Баку, Ереван, Тбилиси, но и неколку дестинации на африканскиот континент, главните градови на Судан, Картум и на Етиопија, Адис Абеба. Преку Дубаи ќе може полесно да се стаса и до Авганистан, Јордан и Либија, но и до дестинации кои досега не биле на туристичката мапа на македонските граѓани како што се Катманду во Непал или Коломбо во Шри Ланка.

,,Интересот за патувања на нашите граѓани кон источните земји во последните пет години се зголемил речиси тројно, а најпосетувани дестинации се токму Дубаи, Катар, Кина и Хонг Конг”, велат во туристичките агенции. Дубаи е една од главните туристички, но и бизнисдестинации последниве неколку години. Аранжманите за македонските туристи најчесто се реализираа преку Белград, од каде што „Флај Дубаи” веќе подолго време има директна линија. Авионите од главниот град на Србија за Дубаи речиси постојано се полни со патници, што го објаснува интересот на авиокомпанијата за подобро поврзување со балканските држави. Бенефит од новата линија ќе има и нашиот аеродром, на кој се очекуваат повеќе патници токму од арапските земји кои патуваат кон Европа, велат во туристичките агенции.

Голем дел од агенциите, особено оние од градови во внатрешноста, освен што им продаваат авиобилети, на нашите граѓани им посредуваат и за обезбедување работа во Дубаи. Со директното авиоповрзување со Скопје од октомври веруваат дека дополнително ке го зголеми интересот за оваа дестинација. Од 18 октомври до Дубаи ќе се лета двапати неделно во понеделник и во четврток. Билетот ќе чини најмалку 490 евра. Од скопскиот аеродром „Александар Велики” ќе се полетува во 13,25 часот, а ќе пристигнува во Дубаи во 20,35 часот по локално време. Билети се купуваат на вебстраницата на компанијата, а во цената е предвидено седиште во авионот и пренос на багаж со одредена тежина. Сепак, за одредена цена плус, „Флај Дубаи” им нуди на патниците и дополнителна листа на содржини, како што се поголем простор за нозете, пакети за забава во текот на летот, разновидно мени со освежителни напивки и производи што не подлежат на царина.

Покрај влезот на „Флај Дубаи” на македонскиот пазар, се очекуваат и нови авиокомпании. Владата неодамна најави дека ќе распише тендер за привлекување нискобуџетна авиокомпанија која ќе добие субвенции ако отвори шест нови линии. Авиопревозникот што ќе победи на тендерот ќе добие 40.000 евра за првите шест линии, а потоа за секоја наредна линија дополнителни 30.000 евра еднократно. Финансиска поддршка ќе добива и за секој патник што ќе заминува од 9,8 или 7 евра.

[custom_frame_center]Преку Дубаи до Австралија и Побрзо и Поевтино[/custom_frame_center]

Превземено: Утрински Весник

Датум на објавата: 11.06.2012

Автор: Сања Наумовска

By | 2012-06-11T07:18:12+00:00 11/06/2012|Авиосообраќај|