Регенератори за Коса(1дел)

//Регенератори за Коса(1дел)

Регенератори за Коса(1дел)

Употребата на регенератори за коса е вториот, но не помалку битен чекор кон здрава и сјајна коса. Регенераторот ја храни и ја негува косата и ѝ ја дава потребната хидратација, притоа правејќи ја да изгледа сјајна и здрава. Без разлика на типот на косата и без разлика дали таа е здрава или оштетена, дали ја има природната боја или, пак, е бојадисана, сепак, пожелно е да се користи регенератор.

Потенцијал на пазарот
Побарувачката на производи за нега на косата, во согласност со развивањето на технологијата е во пораст. Регенераторите за коса се важна компонента за нега и заштита на косата. Денес, сè повеќе се нагласува убавината што треба да биде негувана, а негата се постигнува со различни козметички производи што постојано се присутни на пазарот, но и во медиумите. Поради тоа имаме ситуација во која жените и мажите, следејќи ги трендовите, се во постојана потрага по оној производ што ќе им донесе одлични резултати. Најчесто, жените се окупирани со идејата за убава, сјајна и здрава коса. Поради ова, тие посегнуваат по регенераторот за коса, чиишто состојки ја негуваат косата и ги овозможуваат бараните карактеристики за убава и здрава коса.

Што е, всушност, регенератор за коса?
Терминот означува дека средството што се користи ги има потребните состојки што по одреден период на користење ќе ја обноват или ќе ја преродат косата. Во зависност од типот на косата, потребно е да се избере различен вид регенератор што ќе обезбеди обновување и заштита токму на таа коса.

Регенераторот за коса ја менува текстурата и надворешниот изглед на косата. Тие се користат за да ѝ ја дадат на косата потребната дополнителна нега и храна, особено по нанесувањето и триењето на косата со шампонот. Денес, по долгогодишниот напредок на технологијата и многубројните иновации, многу од произведувачите на шампони го вклучуваат и регенераторот за коса во шампоните, со што се олеснува процесот и се намалува времето за миење на косата. Сепак, за поголем ефект и позначајни резултати пожелно е да се користи регенераторот за коса по нанесувањето на шампонот.

Примарната функцијата на регенераторите за коса е отстранување на вишокот на себум (масна материја што ја лачат лојните жлезди. Тие ја штитат кожата и косата, но вишокот на себум ја прави косата мрсна и создава лош мирис). Регенераторите за коса се збогатени со витамини, протеини и екстракти од овошје, што придонесуваат за зголемување на сјајноста, густината и хранливоста на косата.

По нанесувањето на шампонот и негово втривање, косата станува чиста и уредна. Кога сета нечистотија ќе се отстрани, изгледот на косата е многу подобар. Но, со користењето на регенераторот за коса се враќаат сите потребни состојки што можат да се изгубат во текот на миењето. Со развивањето на технологијата за производство на регенераторите за коса, некои од нив содржат состојки што ја прават косата погуста и побујна, но во исто време и лесна за чешлање и средување.

Историја на регенераторите за коса
Со векови природните масла се користат со цел да ја обноват косата. Овие природни производи сè уште се користат, вклучувајќи разни видови на есенцијални масла. Денешните регенератори за коса се претпоставува дека датираат од почетокот на дваесеттиот век. Во 1900 година, познатиот произведувач на парфеми „Ед Пино“ го презентирал својот производ наречен брилијантин. Производот бил презентиран во Париз. Неговиот производ бил наменет за омекнување на машката коса, вклучувајќи ги брадата и мустаќите. По пронаоѓањето на овој производ и со текот на развивањето на технологијата за производство на регенератори за коса, произведувачите настојуваат во регенераторите да вклучат и други состојки, како што се силиконите, масните алкохоли и состојки на кватернарни амониум соединенија. Со овие соединенија се добиваат одредени придобивки, како што е отстранување на чувството на мрсна и тешка коса.

Според друга верзија, хемичарот Ханс Шварцкопф, кој имал своја продавница уште од 1898 година, продавал шампон во прав што можел да се раствора во вода како алтернатива за грубите сапуни и скапите масла што се користеле во тоа време, за во 1928 година да го произведе и првиот регенератор за коса.

[custom_frame_center]Регенератори за Коса(1дел)[/custom_frame_center]

Превземено:  www.statija.mk

Датум на објавата: 20.03.2012

By | 2012-03-21T05:14:06+00:00 21/03/2012|Козметика|