Се Продава Државен Капитал во 56 Компании

/, Млеко, Нафтени деривати, Осигурување/Се Продава Државен Капитал во 56 Компании

Се Продава Државен Капитал во 56 Компании

Акциите што се нудат на продажба имаат номинална вредност од околу 16 милиони евра, но голем дел од акциите ПИОМ нуди со попуст и до 50 отсто

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) преку јавна аукција на берзата в четврток (5 април) ќе понуди на продажба акции и удели во 56 компании. Државниот капитал што се нуди на продажба има номинална вредност од околу 16 милиони евра, но голем дел од акциите ПИОМ нуди со попуст и до 50 отсто, а поради тоа што во изминатиов период се покажа дека кај инвеститорите нема интерес за купување на акциите во повеќе компании во кои фондот се јавува како акционер.

На претстојната аукција ќе се нудат на продажба акции од познати компании како „Лотарија на Македонија”, „Кјуби”, „Трансбалкан”, но и од компании што не и се толку познати на македонската јавност, како „Илинден” од Виница, „Инекс Дрим” од Струга, „Скачковце” од Куманово и други.

На Македонската берза потврдија дека дел од акциите се нуди на продажба со попуст.

Во зависност од моменталната пазарна цена на акцијата во одредена компанија, ПИОМ решава дали ќе оди на продажба преку јавна аукција со попуст на почетната цена по акција, што најмногу зависи од тоа каков е интересот на инвеститорите за акциите во одредена компанија  велат во берзата.

Инаку, со вкупен капитал од над 100 милиони евра ПИОМ се јавува како косопственик во земјоделски комбинати, нафтени компании, млекарници, трговски друштва, осигурителни компании и други фирми од различни дејности. Иако е можеби најголемиот акционер во земјава, кој поседува акции во повеќе од 60 од вкупно 164 регистрирани акционерски друштва, ПИОМ нема никакво право на глас во раководењето на најголемиот дел од фирмите. Фондот поседува обични или приоритетни акции и во реномирани компании, како што се рафинеријата „Окта”, каде што ПИОМ се уште поседува безмалку 9 отсто од вредноста на капиталот, а приоритетни кумулативни акции поседува и во компании како „Фруктал”, „Фершпед”, „Европа”, „Метропол” и други.

ПИОМ се јавува како акционер во повеќе друштва што беа предмет на процесот на трансформација на капиталот од општествен во приватен. Досегашната статистика покажува дека во изминативе 12 години од продажба на капиталот што го поседувал во македонски компании ПИОМ остварил приходи од над 40 милиони евра. Станува збор за мала сума ако се земе предвид дека продажбата се одвивала во релативно долг период од 1998 до 2011 година, како и дека овие пари не стигнуваат да се надомести финансиската дупка во ПИОМ што секоја година се пополнува со финансиска инјекција од државниот буцет. Имено, фондот од дивиденда акциите што ги поседува во над 60 компании годинава очекува да пополни само 0,02 отсто од парите што му се потребни за да им исплати пензии на повеќе од 280.000 пензионери. Од продажба на акции годинава ПИОМ планира да покрие само 0,5 отсто од своите потребни приходи.

[custom_frame_center]Се Продава Државен Капитал во 56 Компании[/custom_frame_center]

Превземено: Нова Македонија

Датум на објавата: 03.04.2012

Автор: В.Н.