Шминка Збогатена со Отрови и со Бактерии

//Шминка Збогатена со Отрови и со Бактерии

Шминка Збогатена со Отрови и со Бактерии

Опасните хемиски елементи како формалдехид, односно формалин, олово, парафин, и други што ги има во козметиката можат да бидат отровни и да предизвикаат рак.

Најскапите марки козметика и шминки содржат канцерогени супстанции опасни за здравјето на консументите. Лишаи и сушење на лицето, алергии на маскари, пудри, млека за тело и на фарби за коса се само дел од симптомите. Опасните хемиски елементи како формалдехид, односно формалин, олово, парафин, парабените, талк и многу други супстанции што ги има во козметиката можат да бидат отровни и да предизвикаат рак, односно да го загрозат здравјето на консумерите. Ни Македонките не се имуни на овие глобални зарази, односно не внимаваат и не читаат декларации за содржината, па освен со млеко за тело, се мачкаат и со понекој отров и патогена бактерија.

Најновата анализа на американската Агенција за храна и лекови (ФДА) покажала присуство на олово во 400 нијанси на кармини за уста на познати брендови. На листата со десет кармини со најмногу честици на олово се најдоа три производи на „Лореал” и два кармини на „Мејблајн”, што предизвика низа полемики за тоа која е безбедната количина на овој метал во козметичките производи.

Активистите на „Кампања за безбедна козметика” сметаат дека не може да се зборува за безбедна количина на олово и дека жените и децата мора да се заштитат од која било изложеност на овој метал, кој може да влијае на мускулниот, нервниот и на репродуктивниот систем.

Домашниот буџет не ми дозволува да се почастам со некоја марка пудра или кармин, па ги користам најевтините копии од пазар. Често ми се случува да добијам исип по лицето или да ме чеша и да ме пече главата откако ќе ја исфарбам косата, но не сум обрнала внимание, сметајќи дека не е ништо страшно. Немам обичај кога купувам да читам што содржи таа козметика, а и да прочитам, не сум експерт за да знам што од тоа е опасно. Сепак, има инспекциски служби кои би требало да се грижат за нашето здравје  вели Светлана од Скопје.

Државниот санитарен инспекторат лани по лабораториските испитувања утврдил дека увозната козметика освен што разубавува, богата е и со бактерии.

Минатата година имавме 1.766 барања за увоз на козметички производи. Земени се 1.284 примероци за лабораториски испитувања кои покажаа дека само 15 производи се небезбедни за употреба. Во осум од нив најдени се микроорганизми опасни за здравјето на луѓето. Станува збор за млека за тело и за декоративна козметика. Седум примероци не одговарале на декларациите, односно составот не одговарал на декларациите што стоеле на производот.

Дел од небезбедната шминка е вратена во матичните држави, а дел е одземена од увозниците и уништена  велат во Државниот санитарен инспекторат.

Годинава тие имале координирана акција со другите инспекциски служби по пазарите и по дуќаните за контрола на козметички производи низ повеќе градови низ државава.

Земени беа 29 мостри за испитување. Според резултатите, дваесет и еден објект имале задоволителни резултати за условите во кои работеле, а во осум објекти најдена е козметика со поминат рок и несоодветно означен состав во декларациите и тие се уништени. Утврдено е дека кармините од поскапите брендови се здравствено безбедни  велат во Санитарниот инспекторат.

Американската агенција за храна и лекови ФДА во своите извештаи пишува дека најголем број од козметичките производи содржат опасни материи и дека жените и децата мора да се заштитат од секое изложување на нив. Опасните супстанции многу често се наоѓаат и во козметиката наменета за бебиња и за деца.

Кармините се најопасни. Во повеќето од нив има голем количество олово бидејќи нема стандарди до која количина е безбедно за употреба. Тој лесно завршува во организмот на лицето што го користи и потоа се таложи  велат активистите.

[custom_frame_center]07.pdf_1[/custom_frame_center]

Превземено: Дневник

Датум на објавата: 04.05.2012

Автор: Валентина Ангеловска

Александра Филиповска

By | 2012-05-04T07:16:06+00:00 04/05/2012|Козметика|