Скапата Воздушна Патарина ги Брка Авиокомпаниите

//Скапата Воздушна Патарина ги Брка Авиокомпаниите

Скапата Воздушна Патарина ги Брка Авиокомпаниите

За разлика од намалувањето на бројот на прелети, бројот на патници кои се опслужени на двата меѓународни аеродрома во Македонија во мај се зголеми за 13,5 отсто во споредба со истиот месец лани.

Македонија со намалување од 11,6 отсто на бројот на прелети во јуни во однос на истиот месец лани бележи најголем пад на воздушниот сообраќај во Европа. Со ова продолжува негативниот тренд од октомври 2011 година на постојано опаѓање на бројот на воздухоплови кои го прелетуваат македонското небо.

Според извештајот од Централното биро за наплата на „Евроконтрол“, Македонија е единствената европска земја која има двоцифрен негативен резултат. Во регионот пад на прелетите бележат и Србија со Црна Гора (-2,3 отсто), Албанија (-2,6), Грција (-4,1), Словенија (-3,3) и Хрватска (-0,8), додека Турција, Бугарија и Романија имаат стабилен раст на прелетите од околу 5 отсто.

Во македонската Kонтрола на летање падот го објаснуваат со помалиот број авионски летови од западна Европа кон одморалиштата во Грција и во Египет, банкротирањето на „Малев“ и намалениот обем на работа на „Аустријан“, авиокомпании кои одржуваа голем број авиолинии помеѓу средна и централна Европа и Блискиот Исток.

Меѓутоа, причината за помалиот обем на сообраќај може да се бара и во тоа што со 59 евра, Македонија наплаќа најскапа воздушна патарина во регионот. Споредено со воздушната патарината што ја има Бугарија од 36,56 евра, Албанија со 43,98, Србија со 39,50 и Грција со 35,50, нашиот воздушен простор е најскап во регионот за прелетување, а со самото тоа и неатрактивен за многу авиокомпании кои во услови на економска криза бараат поевтини воздушни рути.

Ваквиот тренд на намалување на бројот на прелети отвора дупка во финансиските приходи на „Македонска навигација“ (М-НАВ) и може да се случи годинава приходите првпат да паднат под границата од 10 милиони евра. Според извештајот за работа, М-НАВ ја заврши 2011 година со загуба од околу 130.000 евра и раководството предлага овој минус да се покрие со 55.000 евра од задолжителните резерви на друштвото, а остатокот од добивката за оваа година. Но, трендот на намалување на прелетите над Македонија трае од октомври 2011 до денес и засега нема показатели дека тоа ќе се смени во иднина. Оттука се поставува прашањето како ќе се покријат ланските загуби ако и оваа година не се оствари добивка.

За разлика од намалувањето на бројот на прелети, бројот на патници кои се опслужени на двата меѓународни аеродрома во Македонија во мај е со пораст од 13,5 отсто во однос на истиот месец лани. Оваа диспропорција се должи на доброто менаџирање на раководството на ТАВ, кој ги зеде под концесија аеродромите Скопје и во Охрид. Според статистиката, од аеродромите „Александар Велики“ во Скопје и „Св. апостол Павле“ во Охрид во мај годинава се превезени 74.784 патници.

Порастот е најзабележителен на „Александар Велики“, каде што во мај се регистрирани 67.225 патници што во однос на истиот месец минатата година кога биле регистрирани 59.101 патник претставува зголемување за 13,7 отсто. На охридскиот аеродром во мај се регистрирани 7.559 патници, односно 11,7 отсто повеќе во однос на истиот период лани кога биле превезени 6.770 патници.

Минатиот месец е забележано и зголемување на карго-превозот при што превезените 216 тони претставуваат зголемување од 3,1 отсто споредено со превезени 209 тони во мај минатата година.

[custom_frame_center]Скапата Воздушна Патарина ги Брка Авиокомпаниите[/custom_frame_center]

Превземено: www.dnevnik.com.mk

Датум на објавата: 17.07.2012

Автор: Марјан Блажевски

By | 2012-07-19T08:16:08+00:00 19/07/2012|Авиосообраќај|