Загубите Многу Поголеми од Добивките на Компаниитe

//Загубите Многу Поголеми од Добивките на Компаниитe

Загубите Многу Поголеми од Добивките на Компаниитe

За најголемите компании во земјава кои се добро етаблирани и на нашиот и на странските пазари, нема криза, добро им оди. Но, тие се малку, околу десетина. Проблем е што поголемиот број фирми едвај преживуваат и тонат во загуби. Кризата дополнително им ги изеде профитите на компаниите. А, оцена и на бизнисмените и на експертите е дека и оваа година ќе биде тешка.

Според последните податоци од Македонската берза, досега околу 20 компании доставиле извештаи за нивното работење за првото тримесечје од годинава. Резултатите се изедначени. Десетина покажеле добивка, а десетина загуба. Но, кога ќе се погледнат голите бројки, излегува дека кумулативните загуби се многу поголеми од добивките.

„Досега рапортирале 20 компании за резултатите во првиот квартал од годинава на Македонската берза. Од нив десет искажале добивка во вкупен износ од 5,2 милиони евра, а 10 загуба во вкупен износ од 10 милиони евра. За минатата година од 32 котирани компании, 22 имаа добивка од 49,5 милиони евра, а 10 искажаа кумулирана загуба од 63,9 милиони евра. Од компаниите што имале добивка, 11 досега одржале Собранија на акционери, а 7 одлучиле да поделат дивиденда во вкупен износ од 15,4 милиони евра”. Овие податоци ги презентираше првиот човек на Македонската берза, Иван Штериев, на годишната конференција што се одржа минатата недела.

Резултатите за првите три месеци од годинава потврдуваат дека големите компании се навистина големи и знаат да пливаат и во кризни времиња.

Една од фирмите која според добивката лани беше на врвот, а тоа се потврдува и годинава е „Алкалоид”. Оваа компанија лани прикажа профит од 10 милиони евра, при што реши да подели дивиденда од 160 денари по акција, која на акционерите ќе почне да им се исплаќа од 16 мај годинава.

И од почетокот на годинава резултатите од работењето на ,,Алкалоид” покажуваат исто така солидни резултати. За првите три месеци годинава оваа компанија оствари нето-добивка од 3 милиони евра, односно нетопринос од 132 денари за секоја акција. Консолидираниот биланс на успех на „Алкалоид” покажува дека и во услови на криза компанијата успеала да ги зголеми приходите од продажба за 2 отсто во споредба со лани. Тие за првите три месеци изнесуваат 25,6 милиони евра. Во структурата на продажбата, вообичаено, поголемо е учеството на приходите од извоз на стоки и таа сума за првите три месеци изнесува 14,9 милиони евра, наспроти продажбата на домашниот пазар која изнесува 10,7 милиони евра. Споредбата на податоците покажува дека ,Алкалоид” успеал да ги одржи позициите на странските пазари на исто ниво од лани, а на домашниот пазар успеал да ја зголеми продажбата за 4 отсто во споредба со лани.

Најголемата градежна компанија „Гранит”, пак, забележала пониски резултатите. Во првите три месеци годинава остварила 6 милиони евра помалку приход од истиот период лани, покажува неконсолидираниот биланс на успехот. „Гранит” прокнижил 524,4 милиони денари, или 8,5 милиони евра приход, што е пад за 44 отсто во споредба со истиот период лани. Но, ова не е невообичаена за градежниот сектор, бидејќи во зимските месеци приходите често се помали од расходите за плати и за одржување на опремата и механизацијата. Исто како и лани, компанијата е целосно ангажирана на домашниот градежен пазар, а најголем дел од нејзините операции се дел од градежната експанзија финансирана од Владата. Сепак, и покрај негативните резултати од работењето, компанијата кварталот го завршила со добивка од 8 милиони денари. Тоа е резултат на приходот од ставката „останати приходи од финансирање”.

Македонска текстилна компанија „Тетекс” за првите три месеци годинава остварила добивка од 935.000 денари. Билансот на успехот покажува дека нејзините вкупни приходи од продажба за првиот квартал се за 12 отсто пониски во споредба со истиот период лани и изнесуваат вкупно 52,93 милиони денари, што значи дека нејзиниот просечен дневен приход изнесува 9.460 евра. Анализата покажува дека „Тетекс” во овој период го следат и позитивни, но и негативни работи во неговото работење. Позитивно е тоа што успеал да го зголеми приходот од извоз на производи во странство за повеќе од 50.000 евра во споредба со првите три месеци лани. Негативно е тоа што на домашниот пазар го намалил приходот од продажба за речиси 120.000 евра помалку во споредба со истиот период лани. Тоа може да значи дека менаџментот одлучил оти во фокусот треба да бидат странските пазари, а не домашниот пазар поради нелојална конкуренција или поради пониска ликвидност.

„Макпетрол” е, пак, една од компаниите која регистрирала загуба од еден милион евра во првите три месеци од годинава. Лани во истиот период од годината оваа компанија имаше добивка од околу 500.000 евра. Приходите од продажба на домашниот пазар во првиот квартал од годинава паднале за три милиони евра во споредба со лани, а приходите од продажба на странските пазари се намалиле за 1,5 милион евра, што е главната причина за остварената загуба. Менаџментот на компанијата извршил кратење на расходите кај вработените за речиси 243.900 евра, а скратени се и над 1,5 милиони евра кај трошоците за потрошен материјал и ситен инвентар. Најголемо снижување на трошоците има кај набавната вредност на стоките, пред се нафтените деривати, но тоа е пред се, поради намалените потреби, односно помалата продажба на деривати на повеќе од 90 бензински пумпи на „Макпетрол” ширум државава.

Се очекува во наредниот период и останатите компании да ги објават резултатите за работењето во првите три месеци.

[custom_frame_center]Загубите Многу Поголеми од Добивките на Компаниитe[/custom_frame_center]

Превземено: Утрински Весник

Датум на објавата: 07.05.2012

Автор: Соња Маџовска

By | 2012-05-07T07:10:11+00:00 07/05/2012|Берза|