Земјоделските МК Брендови на Пазарите во Русија и Кина

//Земјоделските МК Брендови на Пазарите во Русија и Кина

Земјоделските МК Брендови на Пазарите во Русија и Кина

Русија, Кина, Европа и други дестинации ќе бидат алтернативните пазари каде што ќе се прават напори да се пласираат најзначајните македонски земјоделско-прехранбени производи. Овие пазари, покажала анализата на Владата, имаат огромен потенцијал за апсорпција и претставуваат брзорастечки пазари поради големиот број на потрошувачи, куповната моќ на населението постојано се зголемува и тие економии се отпорни на светската финансиска криза.

Поради тие факти, Владата, како што изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, одлучи да обезбеди финансиска и логистичка поддршка за промоција на националните брендови на овие пазари.

Владата ќе финансира организиран настап на македонските компании на најреномираните и најпознатите светски саемски манифестации и ќе ги финансира трошоците за закуп на саемски простор, изработка на заеднички национален павилјон, тематски штандови, покривање на националното презентирање со подготовка на промотивни материјали и активности  вели Ѓорѓиев.

Покрај учество на овие саеми, Владата финансиски ќе подржи и промоција на македонското вино на таргетирани пазари во еу  Полска, Холандија, Швајцарија и Словенија, како избрани дестинации на европскиот пазар кои имаат голема апсорпциска моќ, а на кои македонското вино не е доволно застапено или има зголемена конкуренција поради што е потребно задржување на веќе постигнатото ниво.

Владата ќе финансира и изработка на маркетиншка платформа за препознатливост на Република Македонија како винска земја, и за квалитетот на градинарските производи и овошјето на светските пазари. Ќе бидат финансирани изработка на визуелни симболи, видеоклипови и маркетиншки концепти, на кои ќе се базира настапот на странските пазари, со тоа што истиот ќе треба да се разликува по извозни дестинации и за различните земјоделски производи  вели владиниот портпарол.

Владата донесе и дополна на Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2012 година.

Со неа се дава можност за добивање на субвенции за сите лица кои биле одбиени за финансиска поддршка за 2011 година заради неизмирени обврски кон државата. Владата им излезе во пресрет на овие субјекти и овие средства ќе бидат исплатени од Програмата за 2012 година  нагласува Ѓорѓиев.

Висината на финансиската поддршка на земјоделските стопанства кои не го оствариле правото на директни плаќања се пресметува врз основа на утврдената висина на директни плаќања во оваа уредба зголемена за вкупниот неисплатен износ на директни плаќања пресметан за земјоделското стопанство согласно Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2011 година.

Пресметаниот износ на финансиска поддршка согласно оваа уредба не се исплаќа на сметка на барателот доколку барателот ги нема намирено сите финансиски обврски кон Министерството и Агенцијата. Во случај кога барателот ги има исполнето сите услови и критериуми утврдени во оваа уредба, а ги нема намирено сите финансиски обврски кон Министерството и Агенцијата, ќе се овозможи меѓусебно пребивање на ненамирените финансиски обврски со пресметаниот износ на финансиската поддршка од оваа уредба, по претходна согласност на барателот, Министерството и Агенцијата.

Владата го продолжи рокот за поднесување на апликации за субвенции од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството за дополнителни 10 дена и тој наместо до 20 ќе трае до 30 октомври. Исто така, Владата одлучи покрај субвенција за сурова оризова арпа, да дава субвенција и за преработена оризова арпа, односно ориз кој претходно земјоделците го излупиле од арпите.

[custom_frame_center]Земјоделските МК Брендови на Пазарите во Русија и Кина[/custom_frame_center]

Превземено: Вечер

Датум на објавата: 22.10.2012

Автор: С.Бл.

By | 2012-10-22T08:32:27+00:00 22/10/2012|Земјоделство|