Рангирање на македонските брендови според нивната емотивна вредност треба да понудат резултатите од истражувањето во проектот „Brands4ever“, што првпат се спроведува на македонскиот пазар.
– Вредноста на брендот треба јавно да се искажува, а тоа води кон зголемување на совесноста и подобрување на неговата слика и перцепција кај потрошувачите, истакна Ана Ќовкарова, проект-менаџер на „Brands4ever“, денеска на прес-конференција.
Според неа, истражувачкиот проект, што ќе го спроведе Агенцијата за односи со јавност се појави на македонскиот пазар во време кога домашните брендови се фокусирани исклучиво на финансискиот аспект, но ја занемаруваат моќта на нивната емоционална вредност.
Македонските компании, посочи Ќовкарова, се заинтересирани за проектот, но и скептични како и за сите новини досега. По мерењето на емоционалната вредност Агенцијата планира да објави публикација во која јавно ќе ја претстави вредноста на брендовите. Очекувањата се компаниите да земат учество во проектот, а ако не можат да платат за услугата да се добие поддршка од државата со оглед на значењето на брендовите.
Прв официјален учесник во проектот е компанијата „Пекабеско“ од каде сметаат дека преку мерењето на емоционалната вредност на нивниот бренд ќе дојдат до појасна слика за очекувањата на потрошувачите.
– Сакаме да измериме колку нашите потрошувачи се задоволни, како и каде не рангираат и колку имаат доверба во нас за да знаеме дали треба нешто да промениме, рече Марко Кутревски, претседател на Управниот одбор на „Пекабеско“.
Проектот „Brands4ever“ доби поддршка и од Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Македонија. Оценуваат дека ќе биде корисен за малите и средни претпријатија и оти ќе вложуваат повеќе во истражување.
– Добро е што ќе се зајакне свеста за регистрирање на трговските марки и за работа во делот на јакнење на нивниот бренд, што е тешка работа, но може да биде успешна, нагласи Љубиша Николовски, раководител на Секторот за институционална поддршка и координација при АППРМ.
Трговските марки, според Николовски, се лицето на бизнисот. Во Македонија, како што рече, малите и средни претпријатија вложуваат малку во истражување наспроти големите кои имаат подобри можности во тој поглед. Во таа насока ќе биде корисен Законот за ваучери и иновации со кои, информира, претпријатијата или физичките лица ќе може да добијат до 5.000 евра ако имплементираат иновација во конкретно претпријатие.
Со истражувањето за емотивната вредност на македонските брендови треба да се добие нумеричка вредност за секој бренд посебно. Такви истражувања се прават секаде во светот, а Агенцијата што го спроведува „Chapter4“ планира негово проширување на Балканот.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Извор: www.press24.mk
Датум на објава: 08.05.2012