Една од концепсиските развојни ориентации на прилепската прехранбена индустрија „Витаминка” е таканаречената здрава храна. Стручњаците и испитувањата на пазарите, особено на странските, покажуваат дека тоа е перспектива.
На постојната технологија веќе се произведуваат неколку видови кекси со амблемот „здрава храна”. Замесени се од суровини без штетни адитиви од генетски немодифицирани култури, со специјални декларации. Тие се со овесни снегулки, диетални влакна и со интегрално пченично брашно. Помагаат за продолжување на човечкиот животен век, го смалуваат холестеролот и позитивно влијаат врз кардиоваскуларните проблеми. Ангажирана е посебна група стручњаци за здравје и за сигурност.
Производите се малку поскапи, но се 100 отсто природни, без ништо неприродно, без адитиви. Постепено се појавуваат на пазарот по долги истражувања и по подготовка на рецептите. Инаку, прилепската прехранбена индустрија „Витаминка” првиот квартал од годинава го заврши со добивка од околу 204.000 евра. Во овој период остварила приходи од продажба во вредност од 300 милиони денари, при што од домашниот пазар 200 милиони денари, што во однос на лани е повеќе за околу 29 милиони денари.
Со 55годишното искуство „Витаминка” важи за компанија со традиција која произведува најквалитетни производи. Постојаните иновации кај производите, вложувањето во нови технологии и стандардизацијата се мерките кои континуирано се преземаат. Инсталирани се врвните стандарди. Така, во производствените погони се применуваат ИСО 9001:2008 и ХАЦЦП системите, кои се доказ за квалитетот и за почитување на критериумите за безбедност на храната.
Не само што се поставени, тие се стил на работа, велат во „Витаминка”. Контролите демонстрираат дека не се отстапува ниту милиметар, туку успешно се надградуваат. Потврдата за светскиот квалитет се и реномето и пласманот на дури 45 отсто од производството во 25 земји на сите континенти. САД, Канада, Австралија, Мароко, Германија, се само дел од многуте земји каде што „Витаминка” ги продава своите производи.
Успешната приказна на „Витаминка” се должи на постојаното трагање по нови вкусови не само во секторот на чоколадата туку и кај кексите, во секторот на флипсовите или кај мајонезите, кечапите, напивките… Цел тим работи на идеи за задоволување на изострените вкусови. Во прехранбената индустрија од Прилеп, растена врз темелите од преработката на пиперки во црвен пипер, со децении важи стремежот кон совршеното преку иновација, врвна технологија и развој. Како секоја сериозна фирма се вложува во автоматизација за влијание на продуктивноста, за заштеди, за намалување на трошоците, но и за подобрување на квалитетот и за проширување на асортиманот. Паралелни се и стручните кадровски освежувања. Во „Витаминка” велат дека извозот им е примарен, но не се занемарува ниту домашниот пазар. Иднината е присуството во странство и борбата за пазарите заедно со зголемувањето на продуктивноста.
Компанијата има над 500 работници. Таа е во доминантна сопственост на домашни инвеститори. Најголем поединечен акционер е Симон Наумоски, претседател на Управниот одбор на компанијата, со 27,6 отсто од акциите. Тројца членови на Управниот одбор на компанијата поседуваат заедно 18,3 отсто од акциите на фирмата. Меѓу покрупните акционери се уште домашното правно лице „Гинис” со 5 отсто акции и Марика Наумоска со 5,2 отсто од акциите. Директор на компанијата е Сашо Наумоски.
На почетокот од годинава „Витаминка” доби заем од Европската банка за обнова и развој во износ од 2,5 милиона евра, наменет за купување опрема за производство и за пакување, како и за имплементација на најсовремени мерки за енергетска ефикасност. Овој проект, како што беше најавено, ке и овозможи на компанијата да ги оптимизира оперативните трошоци и да ја подобри конкурентноста. Исто така, ќе се зголеми можноста за производство на некои од водечките групи производи на компанијата.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Дневник Прилог – Кондитори
Датум на објавата: 18.06.2012
Автор: Љупчо Мургоски