Фри – Шопот на „Богородица” ќе Проработи Наесен

//Фри – Шопот на „Богородица” ќе Проработи Наесен

Фри – Шопот на „Богородица” ќе Проработи Наесен

Продавниците на граничниот премин Богородица од есен почнуваат да работат. Интензивно се одвиваат градежните работи на некогашните фри-шопи, а доскорешните руини полека прераснуваат во убави дуќани. Од Владата велат дека приватници ја воскреснале идејата за повторно отварање на продавниците на граничните премини и дека оваа иницијатива е за поздравување.

Станува збор за приватен стопански субјект, кој го поседува објектот од порано. Ова е приватна сопственост и сопственикот планирал реновирање и дејност во објектите. Нема концесија од Владата бидејќи станува збор за приватен имот. Терминот гранична продавница не постои, туку тоа е обична продавница. Според европските закони, не е можно отварање фришоп на граница, туку само на аеродроми и на пристаништа и ние тоа доследно го спроведуваме  велат во Владата.

На една од продавниците, која има 600 квадратни метри, вчера интензивно се работеше. И луѓето на терен потврдија дека наесен таа треба да се отвори. Газдата на фирмата планирал да продава најмногу македонски производи. Од таму велат дека сопственик е гевгелиско – штипска корпорација и потврдуваат дека и објектот и земјиштето биле нивна сопственост.

Граѓаните генерално ја поддржуваат иницијативата. На тие што често патуваат надвор од земјава тешко им паѓа што наместо на наши трговци, парите им ги оставаат на соседите, кои токму во овие гранични продавници залепиле цени повисоки од нормалните.

Редно беше и нашиве продавници да почнат да работат. Оставаме милиони за чоколади и пијалаци кај соседите  коментираат патниците.

Цигари, виски, ракија, парфеми или брендирана спортска опрема се само дел од производите што граѓаните ги внесуваат во земјава. Иако продавниците во соседните држави не се бесцарински и ставаат дебели маржи за тоа што го продаваат, сепак самото име фришоп звучи примамливо за сите.

Пресметките покажуваат дека Македонците лани оставиле најмалку 60 милиони евра нa странските фри шопи оти нашите одамна ги затворивме. До ова се доаѓа ако се помножи бројот на тие што излегле или влегле на граничните премини во земјава (шест милиони) со претпоставката дека оставиле најмалку 10 евра во овие продавници  за вода, гуми за џвакање и за чоколади. Бројките се уште поголеми ако се земе предвид податокот дека лани вкупно 15,8 милиони патници транзитирале низ земјава и ако претпоставиме дека просечно и тие оставале по најмалку 10 евра, излегува дека Македонија губи 158 милиони евра годишно или половина милион евра дневно оти нема вакви продавници на граничните премини.

Инаку, објектите се празни од 1997 година, кога беа затворени наводно поради притисоци од ЕУ, а всушност поради неможноста на тогашната влада да се справи со неконтролираниот шверц и со наплатата на давачките.

[custom_frame_center]Фри - Шопот на „Богородица" ќе Проработи Наесен[/custom_frame_center]

Превземено: Дневник

Датум на објавата: 19.07.2012

Автор: В.А. – А.Ф.

By | 2012-07-19T08:03:45+00:00 19/07/2012|Македонија|