Цените на основните земјоделски производи, од групата што ја анализираме, од минатото лето досега се зголемени во просек за 30 проценти. Зелениот пазар е се поскап, а нашиот најомилен и досега најзастапен зеленчук, доматот, годинава воопшто не можеше да се најде на пазарите за помалку од 40 денари за еден килограм.
Толку фалените субвенции во земјоделството на пазарот не излегуваат. Напротив, работата оди обратнопропорционално. Не мораме да бидеме експерти по економија или да ја следиме трагата на парите, треба само да излеземе на пазар и да се поздравиме со најмакедонските гордости, „патлиџанот” и пиперката. Во ваква ситуација, на постаментот на нашиот најголем споменик, наместо коњаник, треба да се стават два патлиџана и една пиперка, како паметник на паднатиот стандард. Летово, како никогаш досега, не се чувствува мирисот на печената пиперка во скопските населби.
За една година цените на земјоделските производи „напреднаа”, машала, баеги.
За споредба ги земеме просечните цени на основните земјоделски продукти на зелените пазари во месеците јуни оваа и јуни минатата година објавени од Државниот завод за статистика.
Нулите од процентите што ги илустрираат поскапувањата можеме да ги споредиме со дупчињата во кои секојдневно ја вотнуваме иглата од нашиот ремен, се понатаму и понатаму… Причини за толкавите поскапувања треба да се бараат и во драстично намалениот откуп на земјоделски производи. Така, во јуни оваа година, во однос на ланскиот јуни, откупот на доматите е намален на половина, или наспрема минатогодишните 4.200 тони годинава се откупени 2.100 тони домати. Зголемена е откупната цена поради зголемените трошоци на земјоделците, особено кај продуктите што бараат поголем влог и третман на културите со скапи препарати и со уште поскапи енергенти. Како контрааргумент може да се наведе компирот, чија цена е стабилна подолго време поради „едноставноста” на неговото производство. Впрочем, откупот на земјоделските производи во Македонија, во целиот земјоделски сектор, во јуни 2012 година во однос на истиот месец од 2011 година е понизок за околу 10 проценти. Сосема е природно, кога откупот на цела група градинарски производи (најбитните земјоделски продукти за нашето население) е намален за повеќе од 40 проценти (јуни 2012 во однос на јуни 2011 година), тоа дирекно да се одрази врз енормниот пораст на цените.
Па, сега, кој сака и како сака нека рече, милионите евра земјоделски субвенции не само што не се гледаат на тезгињата, туку земјоделството пропаѓа и не дава род, а живејачката станува невозможна.
На тие што ќе можат да стават некаква зимница годинава, тоа ќе им биде најскапата зимница во историјата на Македонија, од Александар Македонски до денес. Сочните домати и здравите пиперки, со чиј мирис и боја се фалевме пред странците, се повеќе луѓе ги сонуваат.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Ден
Датум на објавата: 16.08.2012
Автор: Бране Стефановски