Клуб „Матица“ денеска во Скопје во 12 часот ќе отвори мултимедијален изложбен простор „Матица ексклузив”. Новиот простор, кој ќе биде во близина на улица „Македонија“, ќе биде промовиран со претставување на монографија за творештвото на академски сликар Васко Ташковски, издание на „Матица македонска“ и МАНУ.
Монографијата содржи повеќе од 400 слики што академик Ташковски ги создавал во својот неколку децении творечки период. Дел од промоцијата ќе биде и изложба на 26 најзначајни дела Ташковски, со кого посетителите ќе имаат можност да поразговараат.
По изложбата на Ташковски, во новиот мултимедијален центар ќе следуваат изложби и презентации на дела од истакнати и значајни автори од културата во Македонија. Ќе се организираат и едукативни содржини – работилници и предавања за деца и млади.
– Главно место ќе имаат книгите, а презентацијата на ликовното, музичкото и филмското творештво кај нас ќе бидат додатни содржини. Просторот ќе биде отворен и за странските дипломатски претставништва, кои тука ќе ги презентираат културните вредности на своите земји, информира Клуб „Матица“.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Извор: www.plusinfo.mk
Датум на објава: 19.09.2012