Лабораторијата на Нокиа и Мајкрософт на ФИНКИ ќе го поттикне пазарот за мобилни апликации

/, Информатичка технологија/Лабораторијата на Нокиа и Мајкрософт на ФИНКИ ќе го поттикне пазарот за мобилни апликации

Лабораторијата на Нокиа и Мајкрософт на ФИНКИ ќе го поттикне пазарот за мобилни апликации

Оваа лабораторија е прва од ваков вид која Нокиа ја отвора на Балканот, а истата овозможува пристап до најновите технологии на Нокиа и на Мајкрософт во областа на мобилните и на информациските технологии

Студентите од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), но и македонските компании од денес ќе можат да работат на развивање мобилни апликации во лабораторијата за мобилни технологии на Нокиа, во СМАРТ центарот на ФИНКИ. 

Оваа лабораторија е прва од ваков вид која Нокиа ја отвора на Балканот, а истата овозможува пристап до најновите технологии на Нокиа и на Мајкрософт во областа на мобилните и на информациските технологии.

„Преку оваа лабораторија студентите, покрај тоа што ќе имаат технички можности за развој на иновативни мобилни апликации, истите ќе имаат поддршка за маркетирање и промоција од страна на Нокиа и Мајкрософт, со цел да бидат повидливи и поконкурентни на глобалниот пазар на мобилни апликации, кој надминува 120 милиони корисници“, истакна деканот на ФИНКИ, Димитар Трајанов.

Деканот нагласи дека целта на оваа лабораторија не е само студентите да научат да прават мобилни апликации, туку со помошта на можностите кои ги нудат Нокиа и Мајкрософт преку програмите како Nokia Developer, Marketing in a Box, AppCampus и Nokia Ad Exchange да научат да бидат добри претприемачи и да заработат од развојот на апликациите.

На отворањето на лабораторијата присуствуваше и министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски. Тој истакна дека е задоволен бидејќи Нокиа и Мајкрософт го исполнија ветувањето дадено пред речиси една ипол година. Ивановски истакна дека колку што оваа лабараторија е важна за студентите на ФИНКИ, толку е важна и за приватниот сектор.

Приватниот сектор треба да ја искористи можноста

„Приватниот сектор треба да пристапи и да ги искористи можностите коишто ги нуди лабораторијата на Нокиа и Мајкрософт за развој на мобилни апликации и да ја искористат поддршката која ја нудат овие компании, бидејќи на тој начин ќе користат скапа технологија – бесплатно“, истакна Ивановски.

Претставникот на Нокиа, Дариус Залевски, истакна дека лабораторијата за развој на мобилни апликации им дава уникатна можност на студентите да развиваат мобилни апликации за брендови како Нокиа и Мајкрософт и да добијат поддршка од нивните грантови кои вредат 20 милиони евра.

Тој додаде дека Нокиа моментално се концентрира на развој на мобилни апликации за платформите на моделите Lumia и Asha и дека на овој начин се олеснува пристапот на македонските компании до големите пазари за мобилни апликации како Windows store.

Вацлав Мач од Мајкрософт пак, додаде дека девелоперите на апликации во новиот свет ќе бидат важни за развој на здрав екосистем и дека оваа лабораторија токму тоа го овозможува.

[custom_frame_center]Лабораторијата на Нокиа и Мајкрософт на ФИНКИ ќе го поттикне пазарот за мобилни апликации[/custom_frame_center]

 

Извор:  www.kapital.mk

 Датум на објава: 14.02.2013