Тутунарите Бараат Аванс и Повисоки Откупни Цени

//Тутунарите Бараат Аванс и Повисоки Откупни Цени

Тутунарите Бараат Аванс и Повисоки Откупни Цени

Просечната откупна цена на тутунот до 180 денари и решавање на проблемот со евиденционите листови се главни барања на тутунарите до Министерството

Зголемување на просечната откупна цена на тутуните до 180 денари, решавање на проблемот со евиденционите листови кои се услов за склучување договори и аванс од откупните фирми за годинешната реколта, се трите основни барања на новоформираниот Сојуз на здруженија „Петун” и Синдикатот на тутунарите кои поддржани од Федерацијата на фармери на Македонија во саботата одржаа средба во прилепското село Лажани.

„Во договорите за откуп на тутунот од годинешната реколта стои дека компаниите треба да авансираат до 15 отсто од производството. Но, тие не го почитуваат тоа, а од тутунарите бараат квалитетен тутун. Од овој аспект, Сојузот на ту тунски здруженија не постапуваше правилно во изминативе години, па затоа се формираше нов Сојуз на здруженија на тутунари ‘Петун’. Ќе продолжиме со барањата за авансирање и со преговори околу цените”, изјави Сашо Јорданоски, претседател на Сојузот „Петун”.

Федерацијата на фармери посочи на законските пропусти при склучување на договорите со откупувачите.

„Законот не се почитува, сите тутунари немаат договор, а кога се истакнува цената, не се седнува претходно да се разговара. Тутунарите имаат и проблеми за добивање субвенции, со имотните листови. Затоа Федерација на фармери и понатаму ќе ги штити интересите на земјоделците”, изјави Недин Касани, потпретседател на Федерацијата.

Тутунарите ќе ги достават своите барања до работната група за тутун во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. На заедничка маса за сите проблеми заедно ќе преговараат Сојузот на тутунски здруженија, Сојузот „Петун”, Асоцијацијата, откупните фирми, претставници на науката и на ресорното министерство.

Но, од Сојузот на тутунски здруженија тврдат дека само тие имаат легитимитет да преговараат со откупните фирми. Велат дека се решени речиси сите проблеми на тутунарите, па поради тоа не присуствувале на закажаната средба со останатите асоцијации на тутунарите викендов. Според нив, веќе нема пречки за добивање евиденциони листови, единствено останувал проблемот со откупните цени.

„Веќе е олеснет начинот за добивање на евиденционите листови и ниту еден тутунар нема да остане без договор. Што се однесува на висината на откупните цени, имаме доставено мислење до откупните фирми. Бараме измена на Законот, па наместо мислење, откупувачите да бидат обврзани од нас да добијат согласност за висината на откупните цени за секоја реколта. Така ќе се надминат проблемите и ќе се олесни текот на откупната кампања. Бараме просечната цена да не биде под 170 денари, зашто според нашите сознанија се зголемува побарувачката на ориенталниот тутун на странските пазари”, изјави Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија на Македонија.

[custom_frame_center]Тутунарите Бараат Аванс и Повисоки Откупни Цени[/custom_frame_center]

Превземено: Утрински Весник

Датум на објавата: 26.03.2012

Автор: Моника Талеска

By | 2012-03-26T04:33:06+00:00 26/03/2012|Земјоделство|