Статистиката, велат, понекогаш е многу сурова.
И покрај силните најави за нови инвестиции, многуте роуд-шоуа на кои оди Владата, од кои се враќа со многу оптимизам дека ќе дојдат странски компании да инвестираат и ќе отворат нови работни места, невработеноста наместо да се намалува, таа расте. А само пред неколку дена премиерот Никола Груевски броеше колку нови работни места ќе отворат инвеститорите што ќе дојдат. Според неговата математика, новите инвеститори се очекува да вработат 4.000 луѓе. Толку само треба да вработи и германскиот „Драксел Мајер” во Кавадарци, кој ќе произведува делови за „Мерцедес”.
И додека ги чекаме овие силни најави за нови фабрики и работни места, Државниот завод за статистика соопшти дека нивото на невработеност во Македонија пораснало за 0,9 отсто во последниот квартал од 2011 година до 31,8 отсто, наспроти стапката од 30,9 отсто измерена во последниот квартал од 2010 година.
„Во четвртото тримесечје од 2011 година, активното население во Република Македонија брои 937.326 лица од кои вработени се 639.340 лица или 68,2 отсто, а невработени се 297,986 лица или 31,8 отсто”, се вели во соопштението на статистика.
Во овој период намален е и бројот на активно население, и тоа од 954.928 преклани на 937.326 лани, а уште повеќе, за дури 20.217 лица, намален е бројот на вработените и тоа од 659.557 преклани на 639.340 лани.
Податоците покажуваат и голема разлика во бројот на активното население, вработеноста и невработеноста кај мажите и кај жените. Активното население го сочинуваат 60,8 отсто мажи и 39,2 отсто жени. Од вработените 61,1 отсто се мажи, а 38,9 отсто жени. Со оглед на тоа што мажите се далеку поголем процент од активното население, тие сочинуваат 60,2 отсто од невработените, додека кај жените оваа бројка изнесува 39,8 отсто. Во однос на образовната структура на невработените, 126.040 од нив имаат завршено средно образование, 73.952 се со основно образование, а 41.878 се со завршено високо образование. Во четвртиот квартал лани во однос на истиот преклани, намален е бројот на невработените со завршено основно образование, малку е зголемен бројот на невработените со завршено средно образование, додека најголем раст на невработеноста има кај оние со завршено високо образование, и тоа за цели 14,3 отсто од 36.652 лица преклани на 41.878 лица лани.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Утрински Весник
Датум на објавата: 27.03.2012
Автор: Ек.Р.