Резервација и Пасош за Милениците да Одат на Одмор

//Резервација и Пасош за Милениците да Одат на Одмор

Резервација и Пасош за Милениците да Одат на Одмор

Резервација и пасош ви се потребни доколку сакате вашето домашно милениче да оди на одмор со авион. Ако сте решиле да отпатувате некаде на пат со авионски превоз, а имате домашно милениче кое нема кој да го чува или едноставно сакате да го поведете со вас, тогаш ќе мора да ги следите барањата и упатствата на вашата авиокомпанија.

Најчесто авиокомпаниите прифаќаат да вршат транспорт на животни, но се разбира дека има одредени процедури кои мора да ги направите. Од неофицијални извори Вечер дознава дека една од авиокомпаниите прифаќа да изврши транспорт на животни за помала сума, но под услов пред да отпатуваат животните да бидат успиени со валеријана и така успиените миленичиња ги сместуваат во карго делот.

Бидејќи ваквата постапка е незаконска, најдобро е да си платите колку што треба и да патувате мирно. Најпрво треба да проверите дали авиокомпанијата со која патувате врши транспорт на животни, потоа да поднесете пасош за миленичето, ветеринарна книшка со потврда дека миленичето е вакцинирано и здраво. Потребно е да се достават тежината на кафезот и миленичето, како и да се направи резервација за истите. Доколку авиокомпанијата даде позитивен извештај, миленичето ќе може да патува, бидејќи е ограничен и бројот на животни кои патуваат со авион. Миленичето кое тежи заедно со кафезот до осум килограми смее да патува горе во кабината заедно со патниците, меѓутоа доколку тежи повеќе од осум килограми се доплаќа во зависност од тежината и димензиите на кафезот. Од авиокомпанијата „Мат Ервејс” велат дека за животни кои е потребно да се транспортираат во патничка кабина ќе биде дозволено само по направена резервација преку повикувачкиот центар и по плаќање како за прекумерен багаж и тоа 5 евра по килограм.

Кучиња и мачки (максимум едно животно по патник) може да биде земено во патничкиот дел со тоа што дозволената тежина не треба да премине осум килограми, вклучувајќи го и кафезот. Превозникот ќе прифати само две животни по лет. Куче и маче не можат да бидат прифатени на ист лет. Превозникот го задржува правото да го одбие превозот на миленичиња ако погоре споменатите критериуми не се стриктно испочитувани и/или животните не се сместени во соодветен кафез за животни, велат од „Мат Ервејс”.

„Адриа Аирвејс” ги има истите критериуми, освен што цената за превоз на миленичето кое тежи над осум килограми се доплаќа од 55 евра па нагоре.

Цените на компанијата „Аустријан Ерлајнс” изнесуваат од 50 до 200 евра во зависност од тежината и големината на миленичето, а за транспорт надвор од Европа цените се движат од 70 до 300 евра.

Дозвола за транспорт на миленичиња има и од авиокомпанијата „Кроација Ерлајнс”. Од таму велат дека цените кои важат за животните за меѓународни патувања (во рамките на Европа) изнесува 50 евра, а надвор од Европа изнесува 100 евра. Патникот не мора да патува на истиот лет како своето домашно милениче.

„Дипломатик Травел” е една од неколкуте авиокомпании кои не сакаат да превезуваат животни во своите авиони. На сајтот на Дипломатик стои правилник за патување во кој пишува дека како багаж, не се дозволува внесување на трговска стока, храна, пијалаци, лекови, наркотици, хемиски и други запалливи средства, оружје, животни, растенија, амбалажи и слични предмети.

Редакцијата на Вечер провери каква е состојбата со туристичките агенции кои најчесто возат во текот на летните одмори. Од агенцијата „Игуана” велат дека лично агенцијата нема ништо против да се превезуваат животни, доколку тоа не им пречи на останатите патници, иако досега такво барање немале од ниеден патник. Оние што одат на одмор, а сакаат своите миленици да ги земат со себе, најчесто патуваат со кола во која смеат да ги сместат. Се разбира дека за да поминат на граничните премини потребни се истите документи, т.е. пасош и ветеринарна потврда за здравствената состојба на животното.

Двајца Американци, кои пред четири години одлучиле да основаат авиокомпанија за превоз на домашни миленици под името „Пет Ервејз”, сега имаат пет авиони, чии летови се распродадени два месеца однапред. Бидејќи класичните авиокомпании не прифаќаат превоз на сите животни, а понудените услуги се многу ограничени, овие двајца американски државјани уште во 2005 година дошле на идеја да отворат линии исклучиво за домашни миленичиња. Компанијата „Пет Ервејз” лета на релации меѓу пет големи американски градови (Њујорк, Вашингтон, Чикаго, Денвер и Лос Анџелес), а цената на картата изнесува 245 долари. За оваа цена на животните им е обезбедена придружба до авионот и надзор кој персоналот во текот на летот го извршува на секои 15 минути. Во цената е пресметана и прошетка пред влегувањето и пауза за физиолошките потреби на животните. На секој аеродром на животните им е на располагање специјална просторија во која можат да се одморат пред патот.

[custom_frame_center]Резервација и Пасош за Милениците да Одат на Одмор[/custom_frame_center]

Превземено: Вечер

Датум на објавата: 09.04.2012

Автор: Ивана Рамаданова

By | 2012-04-09T04:14:39+00:00 09/04/2012|Авиосообраќај|