Кадрите од техничките факултети се дефицитарни, а работа на Министерството е да ги објасни придобивките од студирањето на овие факултети и да го поттикне нивното производство
Проектот на Министерството за образование и наука за подигнување на интересот кај младите ученици за студирање на техничките науки продолжува. Вчера министерот за образование и наука, Панче Кралев, заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска, и директорот на МАСИТ, Анита Никова, остварија средба со учениците од втора година во средното училиште ,,Орце Николов”. Целта на посетата е информирање за можностите за студирање на техничките универзитети во државата и запознавање со фактот дека студентите кои завршуваат на овие факултети се дефицитарни во Македонија.
-Интенцијата е да им се предочат предностите кои ги нудат овие факултети, новините од студиските програми, новите можности кои постојат за студирање и да бидат запознаени со барањата и очекувањата кои Асоцијацијата на информатички компании МАСИТ ги има за студентите кои ќе завршат на техничките факултети, истакна министерот Кралев и додаде дека за МОН е охрабрувачки фактот дека дел од студентите веќе размислуваат за студирање на техничките факултети. Македонија оваа година ќе се приклучи на иницијативата “Ден на девојките во информатичко-комуникациските технологии”, а тој ден ќе биде секој четврти четврток во четвртиот месец во годината. Оваа година тој ден е 26 април.
-Денот ќе го прославиме на тој начин што селектирани девојки кои имаат афинитет кон математика и информатика ќе ги однесеме во информатичките фирми и телекомуникациските оператори и ќе им покажеме што значи да се работи во оваа индустрија и зошто оваа индустрија е добра. Покрај тоа што има слободни места тие ќе увидат дека е многу добро платена индустрија. Во светски рамки соодносот помеѓу мажи и жени во информатичките науки е 80 наспроти 20 отсто. Во Македонија соодносот помеѓу мажи и жени кои се запишале на факултетите кои ја третираат информатиката е 72 наспроти 28 отсто и можеме со задоволство да кажеме дека сме малку поеманципирани во светски рамки во овој поглед, истакна заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска. Бројот, сепак, е мал и поради таа причина овој проект продолжува. Целта ни е да им ја доближиме професијата на девојките-студентки, додаде Арсовска. Министерството за информатичко општество со поддршка од МОН и МАСИТ во следниот период ќе спроведе дополнителни активности за подигање на интересот на учениците за студирање на техничките и информатичките науки. (С.Р.)
125 стипендии од МОН
Сите студенти кои моментално ќе завршат на техничките факултети се веќе барани од компаниите кои работат во Македонија и од оние кои ќе почнат да работат. Станува збор за најавените странски инвестиции кои бараат кадри од техничките факултети. Министерството за образование и наука овозможува дополнителен број стипендии, поточно 125 стипендии, за да се охрабрат учениците да се запишат на факултетите по информатичка технологија и техничките факултети.
-Сепак, иницијативата мора да потекне од студентите. Ние можеме да ги предочиме поволностите за студирање на овие факултети и мораме континуирано да ги информираме учениците од аспект на тоа што значи да се студира на овие факултети, а притоа да не ги обесхрабриме да се запишат и на другите факултети, истакна Кралев.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: www.vecer.com.mk
Датум на објавата: 18.04.2012
Автор: С.Р.