Нема интерес за владиниот проект за изградба на винарници во богатата со лозови насади Дебарца. Министерството за транспорт распиша оглас за продажба на змејиште за оваа намена, но почетната цена е превисока за заинтересираните.
Идејата за изградба на винарници во општина Дебарца е добра, но не и условите под кои Транспорт и врски одлучи да го продава земјиштето, вели градоначалникот на оваа општина која брои 5.500 жители. Појаснува дека на површина од 425 километри квадратни, се простираат богати лозови насади, посебно во реонот на селата Мешеишта и Требеништа. Безмалку сите домаќинства се занимаваат со лозарство и производство на вино, всушност од тоа и егзистираат. Којчиноски кажува дека објавувањето на тендерот за изградба на винарии, побудило интерес, но на јавното наддавање не се јавил никој.
„Заинтересирани странки немаше доста ,можеби и цената е повисока поштои и приватно да се купи во тој простор на нашава теритирија евро до евро и пол коштати земјиштето, а на јавното наддавање беше 200 денари почетна цена“, изјави Љупчо Којчиноски, градоначалник на Општина Дебарца.
Градоначалникот сугерира, Транспорт и врски да направи уште еден обид за отуѓување на градежно земјиште за изградба на винарници, но со пониска цена. Така, вели, ќе заживее општината, а многу од мештаните ќе најдат вработување.
Во првиот обид, Транспорт и врски понуди 7 градежни парцели со вкупна површина од 17.584 метри квадратни. Се бараа 55.000 денари депозит за учество на јавното надавање, со почетна цена од 200 денари по метар квадратен. Потенцијалните купувачи, согласно условите во тендерот во рок од 9 месеци требаше да обезбедат одобрение за градба,и врз претходно изработен урбанистички план, објектот да го изградат во рок од 6 години. Условите го обврзуваа најповолниот понудувач да го плати данокот на промет што ќе произлезе како обврска по склучениот договор за оттуѓување на градежното земјиште.
Во цената на градежното земјиште не беше вклучен надоместокот за негово уредување.
Превземено: Алфа
Датум на објавата: 14.10.2012
Термин: 19.00 часот
Автор: Росица Голабоска