Цената на цигарите што се произведуваат во „Империал тобако” (ТКС) во Скопје веројатно ќе се зголеми за еден до два денара. Причина за ова ќе биде постојаниот пораст на цените на енергентите, но и фактот дека Хрватска која е пред влез во ЕУ, а каде што компанијата има свои капацитети ќе мора да ги зголеми цените на цигарите, но и платите на вработените. Сето тоа ќе се одрази на вкупните финансиски резултати и на работењето на компанијата во целост, што пак ќе резултира и со мала корекција на цените на цигарите во Македонија, каде што „Империал тобако” држи 70 отсто од пазарот. Во ТКС се произведуваат брендовите „вест”, „давидоф”, „бос”, „голуаз”, „стил” и „родео” (кој е најпродаван бренд на нашиот пазар кој постои 25 години) и уште неколку од постарите видови цигари.
Фабриката во Скопје е инаку регионален центар на „Империал тобако”, која годинава одбележува 10 години од преземањето на поранешниот Тутунски комбинат Скопје и годишнината ќе ја одбележи со инвестиција од 23 милиони евра во рамките на која ќе биде целосно реновирана надворешноста на ТКС, ќе се инвестира во нови машини за изработка и за пакување цигари, а ќе биде набавена и нова опрема за следење на производот. Со ова ќе се комплетира модернизацијата и фабриката ќе стане една од најмодерните во регионот.
Генералниот директор Ричард Парат информира дека со новите машини сегашното производство од над 6 милијарди цигари ќе се зголеми на 10 милијарди, при што најголемиот дел од зголеменото производство ќе биде наменето за извоз. Инаку, од вкупното производство, околу три милијарди цигари се продаваат на македонскиот пазар, додека останатите се извезуваат во Словенија, Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и во Црна Гора. „Империал тобако” во Македонија е во групата на 15 најголеми извозници. Истовремено е и еден од 10те најголеми даночни обврзници што во последните десет години кон државата има платено над половина милијарда евра.
ТКС годишно за сите свои пазари низ светот откупува повеќе од 3.000 тони македонски тутун. Во минатата година, на пример, е откупен тутун во вредност од 12 милиони американски долари. Со зголемување на производството, веројатно за околу 10 отсто ќе се зголеми и количината на нашиот откупен ориентален тутун, кој со околу 12 отсто учествува во производството на една цигара. Според Парат, и во Македонија, како и во сите земји во кои се донесени закони за ограничување на пушењето, дојде до намалување на бројот на пушачите, а според статистичките податоци, околу 40 отсто Македонци пушат и тој процент постојано се намалува.
Што се однесува до „црниот” бизнис со цигари, кој порано царуваше во Македонија, денес само околу 5 отсто од пазарот отпаѓаат на нелегална продажба, а веќе не постојат „фабрики” за пакување цигари. Ова, според првиот човек на ЖС, е резултат на добрата соработка со Царинската управа, но исто така и на фактот дека цената на цигарите кај нас е ниска, а нелегалниот бизнис царува таму каде што се високи цените. Во В. Британија, на пример, 30 отсто од пазарот отпаѓаат на нелегалниот бизнис. Оттаму, тој препорачува, доколку Владата се одлучи за зголемување на давачките за цигарите (што вообичаено се случува на патот кон ЕУ) тоа да се направи постапно, бидејќи таму каде што има нагло зголемување на цените, повторно почнува да се зголемува црниот пазар на цигари.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Дневник
Датум на објавата: 18.04.2012
Автор: З.П.