Со музејска поставка на предмети што можат и не можат да се внесуваат и изнесуваат од земјата, Царинската управа на Македонија ги информира патниците на аеродромот „Александар Велики„ што смеат, а што смеат да имаат во торбите и во паричниците. Музејско-информативната поставка на скопскиот аеродром, која е од привремен карактер, содржи неколку витрини во кои се сместени предметите.
Парфемите, цигарите, алкохолот се претставени како стока што во ограничени количини слободно смее да се внесуваат и изнесуваат од земјата. Посебно се изложени дрога, лекови, крзнена облека од заштитени животни, кои се забранети предмети, потоа облека, обувки и други предмети со чие внесување и изнесување од земјата се повредуваат правата од интелектуална сопственост, како и теракоти и други археолошки предмети, со кои прометот е забранет. Патниците добиваат и брошури и усни информации, а на посебен штанд се поставени пари со податоци колку готовина смее да внесува и да се изнесува од земјата.
Директорот на Царинската управа, Ванчо Каргов, вели дека ваквиот начин на информирање на патниците, не само на аеродромите, туку и на другите гранични премини се практикува и во други земји во светот.
Знаеме дека често пати патниците поради незнаење внесуваат и изнесуваат секакви предмети кои се под различен режим. Сега со изложбата, преку брошури и директно објаснување им се дава можност да се запознаат со она што е регулатива во Република Македонија – рече Каргов на отворањето на изложбата.
Во изложбениот простор постојано се присутни двајца искусни цариници кои на патниците им даваат информации што смеат да носат, колкави количини стока можат да пренесат без да платат царина и им кажуваат за сумите пари што смеат да ги имаат во паричниците, што според Каргов е посебно важна информација за нашите иселеници.
Изложените предмети во витрините се запленети стоки сопственост на Царинската управа, стоки и предмети отстапени во корист на државата, копии на артефакти и археолошки предмети, икони, монети и етногрфски предмети.
Информативно-едукативната изложба е поставена по повод одбележување на 20 годишнината на Царинската управа. На вчерашното отворање присуствуваа и министерката за култура Елизабета Канческа Милеска и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Вечер
Датум на објавата: 04.10.2012
Автор: С.Ву.