Еден килограм јагоди на пазарчето во Тафталиџе граѓаните го плаќаат и до 150 денари, додека истото сезонско овошје со сличен квалитет на Бит-пазар чини 100 денари. И покрај големата разлика во цените, најголем дел од граѓаните пазаруваат на зелените пазари што им се најблиску до домовите, за да не мора дополнително да плаќаат и за превоз, но се среќаваат и такви што шетаат од пазар до пазар за да купат поевтино. За најпосетени пазари во градот се сметаат Зелено пазарче, Бит-пазар, Тафталиџе, Буњаковец, пазарчето во Ченто и во Ѓорче Петров.
Споредбата на цените на овошјето и зеленчукот покажува дека најскапо плаќаат граѓаните што купуваат на пазарите во Тафталиџе и Буњаковец, додека Бит-пазар и Зелено пазарче си конкурираат со пониски цени, со таа разлика што Бит-пазар нуди поголем квалитет и избор. Тезгаџиите признаваат дека голема улога во формирање на цените има стандардот на граѓаните, односно ако во околината живеат побогати муштерии растат и цените.
Екипата на Вечер вчера беше во обиколка на три од нив Тафталиџе, Бит-пазар и Зелено пазарче. Тргнавме од пазарот во Тафталиџе, граѓаните на пазарот најмногу купуваат салата и сезонско овошје цреши или јагоди.
Цените во Тафталиџе се да паднеш во несвест, да влезеш и да бегаш, ова е најбогата населба, сите што имаат добри работните места тука живеат. Одам овде на пазар бидејќи и јас тука живеам и иако одвај преживувам морам да плаќам скапо. Според мене Зелен пазар е најевтин вели К. Ј., жител на Тафталиџе.
Александар Теофиловски кој исто така живее во оваа населба вели дека купува и во Тафталиџе, но и на другите пазари.
Купувам и на Зелено пазарче, поевтино е и близу е. Сакам да одам и на Бит-пазар но тој е подалеку истакна тој.
Од најскапиот пазар заминавме во обиколка на Бит-пазар. И таму гужви, а на тезгите се нудеше се од пипер кој чинеше 60 денари до домати кои се продаваа по 90 денари. Како еден од поголемите пазари граѓаните овде имаат поголем избор, но најчесто доаѓаа и бидејќи го сметаат за поевтин.
Купувам некои основни продукти за дома. Дојдов тука мислејќи дека ќе купам поевтино, но цените се слични како и на Зелено пазарче вели Благоја А.
И на Зелено пазарче нашата трета дестинација, ситуацијата не беше ништо поразлична, сите брзаа да купат нешто за ручек. Она што можеше да се забележи е дека сезонско овошје се нудеше само на една до две тезги.
Цените на Зелено пазарче се пристојни, но во вторник и петок има голема навалица од пензионери и тезгаџиите драстично ги зголемуваат цените вели Светлана Ангеловска, која живее во близина на пазарчето.
Неколку фактори влијаат при формирање на цената, велат од Здружението на тезгаџиите.
Цените се формираат според стандардот на купувачите, односно нивната економска моќ. Цената, секако, зависи и од добавувачите од кои се купува на големо ако кај нив расте цената, расте и кај нас. Кириите на тезгите до 2005 година беа исти, но потоа побаравме поевтинување на Бит-пазар за 40 проценти, а останатите добија по 20 проценти вели Екрем Долек, претседател на Здружение на пазарџии.
Пазарџиите од Бит-пазар за користење на тезгата за еден месец сега плаќаат 4500 денари, додека пазарџиите од Буњаковец, Тафталиџе и Зелен пазар 5100 денари за кирија, а по 3700 денари за тезга плаќаат пазарџиите од периферијата во Драчево и Шутка.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Вечер
Датум на објавата: 25.05.2012
Автор: С.М.