Одлив на Мозоци

//Одлив на Мозоци

Одлив на Мозоци

Македонија не успева да ги задржи најдобрите. Одливот на стручњаци и способни кадри во своите области продолжува.

Македонија во последните две децени се соочува со голем одлив на интелектуалци, научници и експерти. Овој тренд продолжува и во последните години и се поголем број млади одлучуваат да си ја пробаат среќата во странство. Истражувањето на Економскиот институт во Скопје покажало дека најголем дел од нив заминуваат на магистерски или докторски студии и остануваат во тие земји. Најпосакувана дестинација се САД, а најголем дел од емигрантите се од техничко – технолошките науки и медицината. Како главна причина за нивното напуштање на земјата се лоцира неможноста да се најде соодветно вработување.

Во последната деценија бројот на невработени со универзитетско образование забележа голем раст. Тој во периодот 1999-2010 година се зголеми за три пати, а стапката на невработени од околу 14 отсто се зголеми на 22 отсто. Овие промени се особено нагласени во последните години, со приливот на нови генерации дипломирани студенти. Тоа го потврдува и растечкото учество на младите до 29 години во вкупно невработените со универзитетско образование, кое во 2009 и 2010 година изнесува повеќе од 60 отсто, истакна Верица Јаневска од Економскиот институт.

Следуваат декади на засилен лов на научници и експерти, а Македонија не смее да дозволи да заминуваат најдобрите, истакна директорот на Економскиот институт, Биљана Ангелова. Според неа, целиот овој период државата има пасивен однос кон проблемот со интелектуалната емиграција, а домашните умови немаат шанса за просперитет.

Лесно е да се декларираме дека сакаме да имаме повеќе млади во науката, но за таа цел потребни се поголеми инвестиции, јакнење на универзитетите и подобрување на општите услови за живот така што талентите да имаат доволно причини да не заминуваат од земјата, изјави Ангелова.

Според податоците на домашни и меѓународни институции, во потрага по подобар живот, земјава во последните 20 години ја напуштиле околу 200.000 лица.

httpv://www.youtube.com/watch?v=FnNS_e5_fZo

Превземено: Телма

Датум на објавата: 29.05.2012

Термин: 18.30 часот

Автор: Мирко Трајановски

 

By | 2012-05-30T06:52:02+00:00 30/05/2012|Образование|