Откажани летови, багаж кој не слетал на истиот аеродром со сопственикот, чекање со часови за полетување, непроспани ноќи на неудобните аеродромски столчиња. За сето ова на патниците им следува оштета од авиокомпанијата, враќање на парите за авионскиот билет или во најмала рака, платено сместување во хотел, храна и пијалаци. Малкумина успеваат да го добијат тоа, но досега ниту еден патник не пријавил во Агенцијата за цивилно воздухопловство АЦВ дека некоја авиокомпанија му ги прекршила правата.
Голем број граѓани кои патуваат со авион се соочиле со непријатни ситуации предизвикани поради доцнење или откажување на летовите. Многумина неколку дена биле оставени без багажот, а има и такви кои откако ги чекирале торбите, никогаш повеќе не ги виделе бидејќи авиокомпанијата им ги изгубила. Сепак, малкумина знаат дека за таквите ситуации им следи отштета или друг вид надомест.
Европските регулативи за заштита на правата на патниците предвидуваат дека доколку некој лет е одложен повеќе од пет часа, патникот може да побара да му се вратат сите пари што ги дал за билетот, но само ако одлучи да не патува. При целосно откажување на летот, патникот задолжително треба да добие финансиски надоместок.
Исклучок од ова правило има само ако за откажувањето бил известен две недели пред летот, бил пренасочен на првиот следен лет до крајната дестинација или доколку авиокомпанијата може да докаже дека откажувањето било предизвикано од вонредни околности. Ако летот доцни повеќе часови или е целосно откажан, авиокомпанијата треба да му обезбеди храна и пијалаци, ноќевање, како и телефон за да го извести семејството за доцнењето. Во случај на патникот да му биде забранет влез во авионот од разни причини, тој има право на надомест од 125 до 600 евра, во зависност од доцнењето и далечината на летот.
Дел од авиокомпаниите кои оперираат во земјава велат дека досега немале поплаки од патниците, што е најдобар показател дека работат според прописите. Од АЦВ, пак, сметаат дека кај нив не пристигнуваат жалби бидејќи проблематичните ситуации патниците ги решаваат директно во договор со авиокомпаниите. Но, не ја исклучуваат можноста немањето поплаки да се должи и на неинформираноста на патниците за тоа кои се нивните права.
Правилата сега се многу построги и веројатно затоа авиокомпаниите многу повеќе внимаваат на овој аспект. Претпоставуваме дека проблематичните ситуации ги решаваат пред жалбата да дојде до нас. Сепак, има граѓани кои се уште не се информирани за своите права, а има и такви кои сметаат дека процедурата за жалба е долготрајна и затоа воопшто не се обидуваат да си ги остварат правата велат од АЦВ.
За изгубен багаж 1.200 евра
Според регулативата, авиокомпаниите одговараат за штетите кои настанале поради доцнење на летовите до 4.800 евра, за оштетен или загубен багаж до 1.200 евра како и за повреда или смрт при несреќен случај. Но, авиокомпаниите не одговараат доколку докажат дека ги презеле сите неопходни мерки за да се избегнат штетите или било невозможно тоа да се направи. Во случај на организирани пакет – аранжмани кои вклучуваат авионски лет, агенциите се должни да ги заштитат патниците во случај авиокомпанијата да не е платежно способна да ги исполни преземените обврски.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Дневник
Датум на објавата: 30.07.2012
Автор: Даница Тунтевска Вујовиќ