Рекламации за поштенските услуги во земјава речиси и да нема, но тоа не значи дека тие се на високо ниво, туку тоа се должи на слабата информираност на граѓаните и на фирмите. Истражувањето на Агенцијата за пошти покажало дека 86% од нив не знаат како да поднесат приговор.
-Соодносот помеѓу бројот на рекламации и годишниот обем на услуги на Македонска пошта од 2009 година до 2012 година е постојан и изнесува занемарливи 0,005 проценти. Рекламации за обични писма во тој процент речиси нема. Податокот дека за 2,5 години од 2010 до јули 2012 година Македонска пошта примила само една рекламација за обично писмо е индикативен и оди на штета на правата на примачите и испраќачите на обични писма – вели директорот на Агенцијата за пошти, Влатко Атанасовски, според кого, единствено логично објаснување е дека корисниците не знаат дека можат да поднесат приговор за изгубени и задоцнети обични писма или ако знаат и се обиделе да го сторат тоа, се обесхрабрени.
Поради тој факт, Агенцијата за пошти со кампањата Имаш право на приговор-оствари го!” со која сака да го подигне степенот на одговорност на Македонска пошта како давател на универзална услуга за нивото на квалитет на испорачаните услуги во корист на испраќачите и примачите на пратки.
– Моментно во Македонска пошта се одвива постапката за имплементација на стандардот за рекламации. Предвидената глоба во законот од 5.000 евра е во случај на ненавремено, нецелосно или воопшто никакво одговарање на рекламацијата или приговорот на корисникот – појасни Атанасовски.
Освен кон Македонска пошта, кампањата ги засега и останатите поштенски оператори во земјава.
Истражувањето на задоволството на корисниците на услугите на поштенските оператори за годинава покажува дека 22% од анкетираните граѓани воопшто не се информирани за услугите на Македонска пошта, 25% добиваат информации од нејзините шалтери, 22% од пријатели или соработници, 18% од медиумите, а 13% од вработените во Македонска пошта.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: www.vecer.com.mk
Датум на објавата: 27.11.2012
Автор: С.Бл.