Рецепт за Успех на Мукаетов: Треба да се Бориш, а не да се Жалиш

/, Здравство, Македонија/Рецепт за Успех на Мукаетов: Треба да се Бориш, а не да се Жалиш

Рецепт за Успех на Мукаетов: Треба да се Бориш, а не да се Жалиш

Економистите велат дека компаниите што ке ги преживеат овие кризни времиња, кои почнаа во 2008 и 2009, а по мало опоравување повторно се појави нова нестабилност овој пат на европскиот пазар, ќе излезат посилни.

Првиот човек на најмоќната компанија во земјава, „Алкалоид”, Живко Мукаетов, признава дека и годинава ќе биде тешка, поради непредвидливоста на случувањата во Европа, но затоа вели„ не треба да се жалиме, туку да се бориме”.

Ќе биде тешко годинава, но секој од нас мора да најде начин како компаниите да се позиционираат уште подобро на пазарот, и да си го најдат патот за да преживеат. Факт е дека најавите од секаде се многу специфични, но и многу непредвидливи за тоа во кој правец ќе се движи европската економија. Се трудиме да имаме позитивен пристап кон работите. Бараме начини да најдеме нови позиции за нашата компанија, да го задржиме трендот на раст на компанијата на пазарите каде што сме присутни, но и да освојуваме нови”, рече вчера Мукаетов, пред новинарите, на прашањата за тоа како кризата ќе се одрази врз економијата во земјава.

Мукаетов, кој вчера одржа предавање пред студентите на Американ колеџ за тоа што значи да се биде еден од најдобрите менаџери во земјава, како се гради успешен мегународен бизнис и дали е тоа мит или реалност за македонските компании, вели дека не постои прецизна формула за успех.

„Нема формула за успех на интернационален бизнис”, вели Мукатетов, и додава „ако ја имаше сите ќе бевме милјардери”. А тоа значи, вели, дека секој треба да го најде својот пат на успехот.

Менаџерскиот тим на „Алкалоид” очигледно го нашол својот пат. Тие денеска се меѓу меѓу првите десет извозници, а се единствена компанија која продава производи со додадена вредност. Први се во земјава според остварен нето извоз, што значи дека секоја година „Алкалоид” донесува чисти 40 милиони долари во Македонија.

За својата компанија Мукаетов рече дека е еден од последните „мохиканци” во земјава, односно компанија во сопственост на македонски акционери. Имаат 1.400 вработени, 5,5 илјади акционери, а сега во мај нив ќе им биде поделена дивиденда во износ од над 4 милиони евра. Има 13 фирми ќерки и четири претставништва надвор од земјава.

Што е клучот за успехот според Мукаетов? „Храброста и ризикот да се влезе во нови инвестиции. Да се отстрани сегментот што не е комплементарен и неконкурентен, а да се развива она што е добро, за да биде уште подобро. Не може да се биде добар во се, па затоа врз основа на анализи треба да се фокусираме на најдобриот сегмент. За нас не важи правилото евтина цена, туку градење бренд врз квалитет. „Кафетинот” е нашиот најголем бренд кој е повеќе познат и од самата компанија. Од него се продадени 10 милијарди таблети”, објаснува Мукаетов. Според него клучна улога особено при ширењето на пазарите надвор од земјава има изборот на фирмите партнери со кои соработува компанијата.

„Алкалоид” работи со брендирани компании, избираме вистински луге за вистински места. Не ни требаат туристи, туку луѓе што сакаат да работат, и постојано инвестираме. Таму каде што сме добри, инвестираме уште повеќе”, вели Мукаетов. Според него ризик секогаш има но „ако не пробате, не знаете дали ќе успеете”. Смета дека извозот и ширењето на продажбата на преку 30 пазари каде што тие денес се присутни, е тоа што „Алкалоид” го напрви најушешна македонска компанија, која лани оствари добивка од над 10 милиони евра.

Компанијата во 2011 продала производи во вкупна вредност од 109,5 милиони евра, од кои 45,4 милиони евра на домашниот, а 64 милиони евра на странските пазари. „Извозот ни го донесе успехот. Затоа сме успешна приказна во бизнис секторот. Иако според македонските стандарди сме меѓу најголемите, во светот сме во категоријата средни, а до лани бевме меѓу малите компании”, вели првиот човек на македонскиот фармацевтски гигант.

[custom_frame_center]Рецепт за Успех на Мукаетов: Треба да се Бориш, а не да се Жалиш[/custom_frame_center]

Превземено: Утрински Весник

Датум на објавата: 05.04.2012

Автор: Соња Маџовска

By | 2012-04-05T03:04:35+00:00 05/04/2012|Економија, Здравство, Македонија|