Росоманската Праска ќе се Брендира

//Росоманската Праска ќе се Брендира

Росоманската Праска ќе се Брендира

Овоштарите од најголемиот регион за производство на праски во Македонија, росоманскиот, деновиве се ангажирани на берба на оваа овошна култура. Иако не се целосно задоволни од цената по која го продаваат своето производство, сепак велат дека иднината во земјоделството во овој регион ја гледаат токму во одгледувањето праски. Велат дека пласман има, но би било добро цената да биде повисока за уште некој денар.

Коментираат дека споредено со лозарите, кај нив задоволството е поголемо. Пари земаат речиси веднаш по продажбата на своето производство, и не чекаат со години да си го наплатат трудот.

Градоначалникот на општина Росоман, Стојанче Лазов, открива дека се прават напори да се брендираат росоманската праска преку Вардарскиот плански регион. Нашата праска се продава во Русија, Украина, Сирија, Ирак, Јордан без проблеми поради изгледот и вкусот.

Во реонот на Росоман се повеќе се промовира одгледувањето праска на поголеми површини, бидејќи како што тврдат овоштарите, тоа е поисплатливо. Со мали површини цените не се големи за да се покријат трошоците за производство. Ова го потврдува и првиот човек на Росоман, Лазов. Тој има овоштарник со праски, на помали површини, но според него добра егзистенција може да се обезбеди доколку овоштарите имаат поголема површина од сортите кои се бараат како на домашниот така и на странскиот пазар. Росоманци велат дека се особено горди на податокот кој стигнал до нив, дека нивното производство на праски во светски рамки достигнува скромни 1 отсто, но ќе се стремат на светот да му понудат квалитет.

Според градоначалникот Лазов, цените на праските годинава во зависност од сортата и квалитетот се движат од 17 до 30 денари за килограм. „Покрај тешкотиите кои ги имаа во почетокот на бербата со пласманот и цената која падна и до 17 денари, поради полош квалитет од измрзнувањето кое се случи годинава, сега производителите на праски се задоволни. Цената за килограм Ред Хевен е од 25 до 28 денари, а сортата Маја достигнува и 30 денари за килограм. Откупните пунктови работат турбо, се откупуваат сите количини кои се нудат”, објаснува Лазов. Според него, во Росоман од 2006 година наваму е почнат развој на овоштарството со голем успех. Оптимист е дека тој тренд сигурно ќе се задржи и во иднина, бидејќи во Росоман се произведува најквалитетната праска.

[custom_frame_center]Росоманската Праска ќе се Брендира[/custom_frame_center]

Превземено: Утрински Весник

Датум на објавата: 30.07.2012

Автор: Ангел Данов

By | 2012-07-30T12:52:43+00:00 30/07/2012|Земјоделство|