Од најсовремениот барик-оддел на винарницата „Стоби” излезе новото вино „шардоне барик”. Во „Стоби” велат дека новите видови вино од оваа винарница се дел од развојната стратегија на компанијата да се понуди висококвалитетно вино по пристапни цени за македонските потрошувачи и за љубителите на убавото вино.
– Со новото вино „шардоне барик” ја проширивме линијата на премиум-вина во која, покрај ова бело вино, влегуваат и црвените „вранец веритас” и „аминта”. Ние како винарница за краток временски период лансиравме повеќе видови квалитетни вина на пазарот, групирајќи ги во четири групи, и тоа традиционални, класик, елит и премиум. Традиционалните и класикот им се добро познати на нашите потрошувачи и веќе не само што го препознаваат брендот „Стоби” туку тој е нивниот прв избор. И тука не застануваме, имаме нови вина како дел од линијата елитни вина – изјави Дане Јованов, директор на „Стоби”.
„Шардоне барик” има арома на јужно овошје, цвет од багрем, нежно нагласен орев и печен леб. Вкусот на виното е полн, топол и мек. , Се служи на температура од 10 до 12 степени со чадена риба, морски плодови, сирење, а налето со овошни предјадења, шпаргла, артичок, ананас и лесно бело месо.
Квалитетот на вината на „Стоби”, покрај тоа што е препознаен од страна на потрошувачите, е и интернационално наградуван. „Шардоне ду монд” и „Мундус вини” се едни од интернационалните натпревари за вино каде што вината на „Стоби” имаат освоено награди за квалитет.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Нова Македонија
Датум на објавата: 22.05.2012