Со одредбите од законот ќе се овозможи многу полесно да се најде некој миленик ако се изгуби или, пак, ако некој го украде.
Осумдесет евра глоба ќе треба да платат сопствениците на домашни миленици што нема да им вметнат микрочипови на своите домашни галеничиња. Вградувањето на направите со кои животните ќе може да се препознаваат е предвидено со одредбите на Законот за идентификација и регистрација на животите, што минатата недела излезе во „Службен весник”. Овие импланти би требало да почнат да се употребуваат од почетокот на идната година и ќе чинат околу дваесет долари. Според ветеринарните ординации во градот, уште од пред неколку години некои сопственици на домашни миленичиња им ставале вакви чипови на своите галеничиња, но тоа било само затоа што сакале да ги носат надвор од државата, а без микрочип животното не може да помине ниту една граница.
Ветеринарите се согласни со законот
Во Законот за идентификација и регистрација на домашните миленици, исто така е предвидено да се направи и електронска база на податоци во која ќе бидат впишани сите имиња на галеничињата, нивните сопственици и регистарскиот број од микрочипот, со што ќе се знае точно колку домашни миленици има и кој е нивниот сопственик. Овие одредби од законот ќе овозможат и многу полесно да се најде некој миленик ако се изгуби или, пак, ако некој го украде.
Љубителите на животни го поздравуваат донесувањето на овој закон. Велат дека со него и домашните миленици ќе имаат поголема безбедност и дека нема да може кој сака да чува милениче, а по некое време, откако ќе му здосади, да го пушти на улица, што кај нас е многу честа појава.
Донесувањето на овој закон е за поздравување. Мислам дека ќе стави некаков ред во чувањето животни. Нема да може сите да чуваат кучиња и кога ќе им здосади да ги напуштаат. Мислам дека ниту парите за да се стави еден ваков чип не се многу. Тој што сериозно сака да чува миленик, нема да има никаков проблем со ова, ќе се проретчат сите оние што чуваат животни само поради имиџ сметаат скопјани.
Скопските ветеринари се согласуваат со идејата да им се вметнат микрочипови на домашните миленици. Велат дека и досега имало луѓе што доаѓале и сакале овие импланти да им бидат ставени на милениците, претежно на кучињата, но кај повеќето од нив, тоа било само затоа што планирале миленикот да го изнесуваат надвор од државата.
Микрочипот се става под кожата и досега немало никаква реакција од него. Имплантот содржи бар код со кој може да се препознае кој е сопственик на животното, што сметам дека е многу добро. Добро е што оваа работа конечно ќе се регулира со закон вели скопски ветеринар.
Точен број домашни миленици
Според Дејан Рунтевски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, овој закон е основа за правилниците за домашни миленици што треба да се донесат до крајот на оваа година и со кои ќе се регулираат многу спорни прашања околу милениците.
Секаде во светот има закон за да им се ставаат микрочипови на домашните миленици. Кај нас ова е ново, па затоа можеби малку ќе им биде чудно на граѓаните. Микрочиповите не се воопшто опасни за животните, јас на моето куче му имам ставено уште одамна. Имплантите би требало да почнат да се поставуваат од почетокот на идната година, во сите ветеринарни ординации, вели директорот Рунтевски.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Нова Македонија
Датум на објавата: 03.08.2012
Автор: Александра Денковска