[custom_frame_right]
[/custom_frame_right] Новата Трим патека во Водно која ќе биде вистинско уживање за сите кои сакаат да бидат во форма и да уживаат во убавините на Водно денеска беше промовирана од градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.
“Граѓаните на Скопје денеска добија уште една локација за спортување и рекреирање. Град Скопје заедно со екипите на ЈП “Улици и патишта” и ЈП “Паркови и зеленило” ја реконструираше и ја прошири постоечката трим – патека од Средно Водно до локалитетот Марково Крувче. Сметам дека сега се подобрени условите за користење на оваа патека со самиот факт што се поставени 4 трим станици на кој што постојат фитнес справи изработени од дрво. Ги поканувам сите граѓани на Скопје активно да ја користат оваа патека за рекреација и водно ги поканувам сите професионални спортисти своите подготовки да ги прават тука, зашто оваа патека и во летните топли периоди е претежно под сенка“, истакна градоначалникот Трајановски.
По должината на патеката поставени се четири трим станици, а на секоја од нив има по четири фитнес реквизити, изработени од дрво. На патеката е нанесен 10 сантиметри слој од тампон (вкупно 580 кубици), а врз него е ставена три до пет сантиметри бела ризла.
Поставени се четири заштитни огради, три нови дрвени маси со клупи за седење и 10 нови корпи за отпадоци.
Овие нови спортско-рекреативни содржини, поради добрата конфигурација на теренот, можат да ги користат деца, младинци, рекреативци, спортисти и пензионери. Покрај трим патеката поставени се и 6 информативни табли коишто ги содржат сите неопходни информации поврзани со надморска височина, одалеченоста на секоја од трим станиците од почетокот до крајот на патеката, примери со вежбите што можат да се изведуваат на спортските реквизити и слично.
Оваа должина од трим патеката е реализација на првата фаза, додека втората фаза, од Марково Крувче до населбата Припор, ќе биде завршена до средината на 2013 година.
Инвеститор на проектот е Градот Скопје, а за реконструкцијата на патеката од буџетот се издвоени околу три милиони денари.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: www.tocka.com.mk
Датум на објавата: 06.10.2012