Со Турска Бања и со Финска Сауна во Поход на Странски Гости

//Со Турска Бања и со Финска Сауна во Поход на Странски Гости

Со Турска Бања и со Финска Сауна во Поход на Странски Гости

Странските туристи што ја посетуваат Македонија ги бараат сите задоволства што ги нудат и интернационалните хотели, па затоа домашните хотелиери почнаа да воведуваат различни видови сауни и масажи.

Домашните хотелиери почнаа да препознаваат можност за поголема заработка со вклучување на спа и велнес услугите покрај стандардните и добро познати туристички понуди, па различни видови сауни и масажи се повеќе се нудат во домашните туристички објекти. Наташа Шапковска,директорка на струмичкиот хотел „Сириус”, вели дека со зголемувањето на бројот на гостите се наметнала потреба од нови инвестиции.

Следејќи ги светските трендови во областа на туризмот почнавме изградба на спа и велнес центар на површина од 1.500 квадратни метри. На гостите им нудиме затворен базен, џакузи, финска сауна, турска, парна и солена бања, инфра – ред сауна, соба за релаксација и професионален фитнес. Покрај тоа, имаме шест соби за масажа, но и посебен оддел со топли кревети, каде што гостите уживаат во третмани на тело и на лице вели Шапковска.

Таа истакна дека нивните претходни истражувања направени на пазарот, како и посетите на саеми во странство, им покажале дека токму спа и велнес услугите се добар бизнис и вистинска инвестиција, бидејќи може да ги користи целата популација.

Со квалитетна понуда, домашните туристи наместо да одат во странство, како Бугарија, ќе се ориентираат на домашните туристички понуди. Со квалитетот и содржините што ги нудиме не се разликуваме од понудите во странство. Струмица е модерен европски град, интересен за шопинг, но и за посета на манастири и природни убавини. Постоиме 13 години, а новиот спа и велнес центар е најголем на Балканот, за што добивме потврда и со наградата за најголем спа и велнес центар на Балканот од Балканската спа асоцијација  додава Шапковска.

Сопствениците на „Сириус” сметаат дека планот на Владата за развој на бањскиот туризам е добредојден, и тоа ќе придонесе за поголема економска бенефиција и поголем процент на БДП од туризам. Додаваат дека со развојот на туризмот во Македонија ќе се овозможи вработување на поголем број лица.

АЛТЕРНАТИВЕН ТУРИЗАМ

Услугите препознатливи како спа и велнес веќе една година ги нуди и „Аурора ресорт и спа”, чиј сопственик истакна дека досега, благодарение на повеќе децениското искуство во областа на туризмот, увиделе дека иднината на туризмот е токму во оваа област.

Изградба на комплекс со сопствени средства и финансии во време на голема економска нестабилност претставува голем чекор за секоја организација. Сепак, намерата да креираме ресор што ќе биде во хармонија со природата, изграден исклучиво од природни материјали како вулканските камења и дрво, енергетски ефикасен и штедлив, во согласност со европските и интернационалните регулативи, ресорт што ќе нуди спокој на телото и на духот за секој посетител, се темелеше на нашата увереност дека проектот ќе биде успешен вели Славко Сирачевски, директор и сопственик на „Аурора ресорт и спа”.

Потврда за нивната работа гледаат во наградата за најдобар планински ресорт од интернационалниот избор „Спа – евентс”, каде што биле номинирани хотели и ресорти од Турција, Грција, Србија, Бугарија, Хрватска, Црна Гора и други земји. Благодарение на наградата, во ресортот зачестиле индивидуалните странски гости, што за нив е начин за промоција на Македонија и на Берово.

Една од причините да ја реализираме идејата во Берово и неговата уникатност познат по бујната природна вегетација, боровите шуми, благите падини, прекрасната локална кујна и квалитетните земјоделски производи, елементи што се клучни за развој на алтернативниот туризам. Но и поради швајцарската студија што посочи дека тука поминува еден од четирите кислородни коридори во светот, и каде што нивото на кислород е побогато од кое било друго место. Ова е клучно за развојот на нашата стратегија за промовирање алтернативен планински туризам, во регион што ги нуди сите благодети што природата ги дава, ресорт активен во сите четири годишни времиња  раскажува Сирачевски, додавајќи дека со отворањето на преминот кон Бугарија, во Берово уште повеќе ќе заживее туризмот и ќе има напредок на економијата и стандардот на живеење на локалното население.

СПА – ЦЕНТРИ ВО ПОВЕЌЕ ХОТЕЛИ

Сопственикот на новиот спа ресорт, кој долги години е во туристичкиот бизнис, истакна дека доколку се направи споредба со меѓународните текови, домашните хотелиери и хотелските работници со години доцнат во воведувањето новини.

Сепак, не е доцна за успешно реализирање на овој сегмент во понудата на меѓународната туристичката мапа, каде што Македонија полека го пронаоѓа своето место и последните години се движи во вистинска насока додава Сирачевски.

Упатените посочуваат дека странските туристи што ја посетуваат Македонија ги бараат сите задоволства кои ги нудат интернационалните хотели. Од друга страна, туристичките работници посочуваат дека со измените на правилата за категоризација на хотелите на Европската Унија, еден хотел може да добие пет ѕвезди ако има спа и велнес центар, што според нив е знак колку е битен овој сегмент за развивање на туризмот.

Многу хотели во Македонија во своите објекти градат спацентри, што ќе ја подобри сликата за Македонија како туристичка дестинација и ќе ја промовира нашата држава. Иако хотелот работи само една година, капацитетот на пополнетост изнесува 46 отсто, што не беше очекувано. Вообичаено за еден хотел да профункционира и за искористување на неговиот капацитет се потребни две – три години. Презадоволни сме од посетеноста, што за нас е потврда дека квалитетната работа и максимално вложениот труд на крајот ќе бидат наградени истакна Сирачевски, додавајќи дека ресортот го посетуваат туристи од Германија, Полска, Франција, Јапонија, Белгија, Русија, Романија, Србија, Грција, Бугарија и други држави.

Дури и сопствениците на бањски комплекси во Македонија се согласни дека иднината на туризмот лежи во спа и велнес услугите, поради што и самите планираат да воведат вакви новини во нивните услуги.

И БАЊИТЕ СЕ ОРИЕНТИРААТ КОН СПА УСЛУГИ

Дел од нашите планови за понатамошен развој е отворање посебен спацентар, и тоа со посебен оддел за ВИП гости. Веќе имаме план за неговата изградба, но и за реновирање на дел од постојните објекти за здравствен туризам. Се надеваме дека следната година ќе можеме да го реализираме проектот, бидејќи со него може да придонесеме за побрз развој на туризмот во околината вели Лазар Самарџиев, извршен директор во „Негорски Бањи”.

Самарџиев истакна дека само со поголема и поквалитетна понуда може да се привлечат повеќе туристи. Од тие причини, одговорните лица од оваа бања истакнуваат дека сите што сакаат да отворат слични комплекси се добредојдени.

Доколку им понудиме повеќе на туристите, доколку тие имаат избор кога ќе дојдат тука, сигурно дека повторно ќе се вратат. Но доколку не најдат сместување какво што бараат, прашање е дали повторно ќе се вратат. Колку е поголема конкуренцијата, толку повеќе туристи ќе имаме истакнуваат од „Негорски Бањи”.

Оттаму додаваат дека бањите во другите земји се попосетени од нашите, но истакнуваат дека благодарение на постојаното подобрување на услугите, обновата на сместувачките капацитети, веќе имаат гости што постојано се враќаат, и тоа двапати во годината.

[custom_frame_center]Со Турска Бања и со Финска Сауна во Поход на Странски Гости[/custom_frame_center]

Превземено: Нова Македонија

Датум на објавата: 03.12.2012

By | 2012-12-03T11:54:28+00:00 03/12/2012|Туризам|