Унгарската авиокомпанија “Виз Ер“ со субвенции од Владата денеска најави оперирање на шест нови дестинации од Македонија по цени кои во еден правец со вклучени аеродромски такси ќе се движат од 8,99 евра до 17,99 евра.
По потпишувањето на Договорот за субвенционирање со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, извршниот потпретседател на “Виз Ер“ Џон Стивенсон информира дека инвестицијата за старт со оперирање на новите дестинации ќе ги чини 80 милиони долари што ќе биде проследено со отворање 300 нови работни места.
Од 28-ми октомври годинава Визер треба да почне со летови од Скопје кон Дортмунд и Ајнховен, а цената на билетите кои се веќе во продажба во еден правец со вклучени такси ќе изнесува 12,99, односно 17,99 евра. Двапати неделно унгарскиот авиопревозник ќе сообраќа кон Малме, Милано и Минхен од 29 октомври, за каде билетите ќе чинат по 17,99 евра и 8,99 евра. Трипати неделно “Виз Ер“ ќе сообраќа до Базел од 30 октомври, а цената на билетот е, исто така, 17,99 евра. Од следното лето, според Стивенсон, “Виз Ер“ ќе воведе летови и кон Брисел, а се размислува и за Рим и Барселона зависно од потребите на граѓаните.
Плановите на авиокомпанијата се да ангажира вработени од локалното население. Првично пилотскиот кадар ќе биде од страна, но подоцна се планира ангажман од Македонија. За субвенционирање на Визер, македонската Влада согласно потпишаниот тригодишен Договор ќе одвои 306 милиони денари.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески оцени дека дестинациите што се воведуваат од наесен со субвенционирањето на “Виз Ер“ се атрактивни и ќе одговорат на потребите на граѓаните за поврзување со Европа.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Извор: www.netpress.com.mk
Датум на објава: 20.06.2012