За Лет до Лондон со „Виз ер” се Плаќа и Над 400 Евра

//За Лет до Лондон со „Виз ер” се Плаќа и Над 400 Евра

За Лет до Лондон со „Виз ер” се Плаќа и Над 400 Евра

Билет во еден правец од Скопје до Лондон со нискобуџетната „Виз ер” следната сабота, на 25 август, чини неверојатни 407 евра. Цената на билетот од лоукост – компанијата речиси се изедначува со трошокот за патување со комерцијален лет со другите авиокомпании кои работат на скопскиот аеродром „Александар Велики”. Цените на билети за комерцијалните летови во економската класа се движат од 180 до 280 евра, додека, пак, патување во бизнис – класата може да достигне цена и над 700 евра. Високите цени на авиобилетите, според туристичките работници, се должат на високата сезона, односно на зголемената фреквенција на патници заради годишните одмори. Метежот трае до средината на септември, до кога се полни сите комерцијални летови до Лондон на компаниите кои оперираат од скопскиот аеродром.

За разлика од неверојатната цена за билет од Скопје, „Виз ер” ден порано, односно на 24 август, од Белград до Лондон во еден правец лета за 181 евро. Овие цени на билетите шокирале скопјанец, кој имал намера на овој датум да патува до главниот град на Велика Британија. Задоволен што може директно да лета од скопскиот аеродром со Лондон со евтина авиокомпанија, тој отворил на нејзината вебстраница подготвен да си купи билет. Го дочекало големо изненадување.

„Знам дека за да патувам по најниската цена треба да букирам неколку месеци однапред и очекував дека цената која ќе ја платам за билет една недела порано од планираниот лет ќе биде доста повисока. Сепак, не очекував толку висока цена”, вели скопјанецот.

Иако најавувани како евтина опција за патување до Велика Британија, со цена на билет од само 35 евра во еден правец, летањето со „Виз ер” до оваа дестинација многу ретко се симнува под 50 евра. Патување по пониска цена може да се обезбеди само ако патувањето се планира доста време порано и билетот се букира неколку месеци однапред. За патувања „од денеска за утре”, билетите се многу скапи, а особено доколку се работи за високата сезона.

На веб – страницата на нискобуџетната компанија деновиве може билет да се купи само до март идната година. На пример за лет до Лондон на 23 март билетот чини 37,99 евра. За речиси сите поблиски термини, патниците ќе треба да одвојат многу повисока сума за да го платат патувањето. Така, последната сабота пред новогодишните празници, 29 декември, билетот чини 87,99 евра, а две недели порано, на 15 декември, до Лондон може да се стигне за 37,99 евра. Иста е цената на билетот на 15 ноември. На средината на окгомври за лет од Скопје до Лондон треба да се плати 47,99 евра во еден правец, а во септември цената е 187 евра. Цените на билетите за август се движат меѓу 200 и 400 евра.

Многу поевтино е, пак, да се патува од Лондон кон Скопје. Така, исгата сабота 25 август, билетот од аеродромот „Лутон” до ,,Александар Велики” чини 57 фунти, или 72 евра.

Големата фреквенција на патници во летниот период низ нашите аеродроми го потврдуваат и бројките кои ги објави Министерството за транспорт и врски. На двата аеродрома во Македонија во изминатите два месеца се превезени поголем број на патници за 6,1 проценти во однос на истиот период минатата година. Во јуни и јули на аеродромот ,,Александар Велики” во Скопје и на аеродромот „Св. апостол Павле” во Охрид се превезени вкупно 200.516 патници, додека во истиот период лани биле превезени 189.019 патници. Најзабележителен е порастот на бројот на патници на охридскиот аеродром, каде што во текот на јуни и јули се регистрирани 28.658 патници, што е за 16,5 отсто повеќе од вкупно регистрираните 24.596 патници минатата година. На скопскиот аеродром во овие два месеца се превезени 171.858 патници што во споредба со истиот месец минатата година, кога биле регистрирани 164.423 патници, претставува зголемување за 4,5 проценти.

[custom_frame_center]За Лет до Лондон со „Виз ер" се Плаќа и Над 400 Евра[/custom_frame_center]

Превземено: Утрински Весник

Датум на објавата: 21.08.2012

Автор: Сања Наумовска

By | 2012-08-21T02:43:55+00:00 21/08/2012|Авиосообраќај|