Изобилството од зеленчук во маркетите и пазарите ги намали цените на свежите производи. Додека сезонските производи поевтинуваат веќе два месеци едно по друго, со повисоки цени се продаваат средствата за хигиена. Краставиците од 69, колку што чинеа во мај, сега се продаваат за 39 денари, а килограм домати од 115 денари се симна на 66. За разлика од нив, за речиси 60 денари поскапо се продава прашокот за перење „Ариел”, кој од 344 се качи на 399 денари. За 5 денари поскапе и килограм брашно, а компирите кои во мај беа 20 денари, деновиве се продаваат по цена од 23 денари. Сезоната на јаболката заврши, а увозните се продаваат за 112 денари, за разлика од минатиот месец кога килограм чинеше 40 денари.
По велигденските празници кога цените на јајцата вртоглаво пораснаа, веќе втор месец се регистрира спротивен тренд. Од 97 денари, колку што чинеа 10 јајца во април, во мај цената се намали на 89 денари, а деновиве се продаваат за 76 денари. Веќе три месеци не е сменета цената на свинското, телешкото и пилешкото месо. Иста цена има и килограм шунка, која се продава за 225 денари. Поевтинија и млекото и кашкавалот, а од 80 на 77 денари падна цената и на литар зејтин „брилијант”. Дел од производите за лична хигиена овој месец исто така се продаваат по намалени цени, но во ограничен период, на акција, во супермаркетот каде што „Утрински весник” веќе три месеци ги споредува цените од својата потрошувачка кошничка. На 124 денари е намалена цената на гелот за туширање „палмолив”, а на акција е и тоалетната хартија „перфекс”. Од 132 денари на 89 поевтини и пастата за заби „колгејт”.
Истражувањето на движењето на цените „Утрински весник” почна да го прави во април. За таа цел во почеток на секој месец ги регистрира цените на основните животни продукти во ист маркет и ги споредува со претходниот месец. Нашата листа е направена од 35 производи, при што од секој од нив има по еден килограм или литар. Кога ќе се собере нивната вкупна вредност, излегува дека потрошувачката кошничка за јуни тежи 4.823, наспроти 4,956 денари колку што беа потребни во мај за да се купат истите продукти. Значи, ако минатиот месец нашата копшичка чинеше околу 82 евра, сега таа истата чини 79 евра, односно е намалена за 2,7 отсто за еден месец.
Според податоците на Државниот завод за сгатистика, во мај споредено со април годинава има намалување на инфлацијата од 0,3 отсто. Како резултат на пониските цени на зеленчукот за 6,9 отсто, на јајцата за 5,4 отсто и свежото млеко и алкохолните пијалаци од 0,3 отсто. Споредено, пак, со мај минатата година инфлацијата пораснала за 2 отсто. Зголемени се цените на облеката и на обувките за 4 проценти, на домувањего за 5 отсто, и на огревот и осветлувањето од 7 проценти.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Утрински Весник
Датум на објавата: 06.06.2012
Автор: Сања Наумовска