Мелничарите и земјоделците треба да се договорат за правична цена за откуп на житото. Деновиве Сојузот на земјоделците на Македонија СЗМ ќе се сретне со претставници на мелничарската индустрија, со цел да ги изменаџира евентуалните проблеми во пресрет на претстојната жетва во државата.
Заменик – министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски, на вчерашната средба со претседателот на Сојузот на земјоделците на Македонија Вељо Тантаров истакна дека ќе бидат преземени мерки за обострано задоволство на земјоделците и мелничарите.
„Мора да се најде договор кој ќе биде во интерес на мелничарите, но и на производителите на жито и житни култури, и ќе се амортизираат проблемите предизвикани од зголемената цена на нафтата и други дополнителни трошоци. Сигурен сум дека претставниците на мелничарската индустрија ќе имаат разбирање и ќе продолжат да градат партнерски односи со земјоделците. Ги поддржуваме земјоделците во нивните барања и веруваме дека ќе се определи правична цена за откуп на житото пред почетокот на годинешниот откуп”, посочи Коњановски.
Од Сојузот на земјоделците на Македонија очекуваат цената на житото од годинешната реколта да не биде пониска од 15 денари за откупен килограм, бидејќи временските услови негативно влијаеја врз родот и ќе го намалат за 30 отсто, посочи претседателот на СЗМ Вељо Тантаров.
„Пакетот мерки на Владата за подобрување на состојбите во аграрот ги поздравуваме и сметаме дека решавањето на сите турбуленции може да се врши само на начинот како што работи оваа Влада. Прашањето со жетвата на пченицата и на јачменот е отворено пред сите субјекти и на добар пат сме да го решиме проблемот со откупната цена. Бараме годинава цената да не биде пониска од 15 денари за килограм откупена пченица и веруваме дека мелничарите тоа ќе го прифатат бидејќи годинешниот род ќе биде помал за 20 до 30 отсто”, истакна Тантаров.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Утрински Весник
Датум на објавата: 18.06.2012
Автор: Ек.Р.