Живееме Четири Години Пократко од Европејците

/, Македонија/Живееме Четири Години Пократко од Европејците

Живееме Четири Години Пократко од Европејците

Населението во Македонија живее четири години пократко од Европејците. Додека просечниот животен век во земјите на Европска унија е 79,6 години, овде жените живеат во просек 76,3 години, а мажите уште помалку, и тоа 72,3 години. Покрај кардиоваскуларните болести, глувоста и слепилото се повеќе ги напаѓаат старите лица. Освен што пократко живеат, лицата над 65 години се почесто се и жртви на насилство. Секој трет старец во земјава е жртва на насилство. Брачниот партнер е најчестиот насилник и мажите повеќе ги тепаат жените. Синовите и снаите често ги малтретираат старите лица, како психички така и финансиски, а секоја втора снаа ја занемарува свекрвата.

Ова се резултатите од најновото истражувања за старите лица што државата го спроведе во соработка со Светската здравствена организација, поддржано од Кралството на Холандија.

Социо-економските услови, несоодветниот начин на живеење и исхраната, како и пристапот до здрав живот од мали нозе, се дел од причините поради кои во Македонија се живее пократко отколку во Европската унија. За да се подобри животот и здравјето на старите лица, Светската здравствена организација на Македонија и укажува на неколку препораки.

„Потребно е да се донесе специјална стратегија за стари лица со која оние над 65 години ќе се ослободат од плаќање партиципација во здравството, ќе им се обезбедат бесплатни вакцини против грип, но треба да се зголемат и капацитетите на геронтолошките и геријатриските установи, да се формираат неформални служби кои ќе им помагаат по домовите”, и порача на Владата претставникот на СЗО за Македонија, др Марија Кишман, која предупреди дека старосната граница во земјава постојано расте и потребен е мултисекторски пристап.

Министерот за здравство Никола Тодоров не одговори директно дали планира да ги ослободи лицата над 65 години од плаќање партиципација, посебно за лековите и да обезбеди бесплатни вакцини за да ги заштити од грип, бидејќи тие веќе биле вклучени во програма. Но, во која, не кажа.

„Министерството за здравство на старите лица ќе им помогне така што обучи 1.900 матични лекари како рано да препознаат семејно насилство”, рече Тодоров и појасни како здравството ќе помогне во решавање на семејното насилство.

Во Скопје, Министерството за труд и социјална политика заедно со Градот и Црвениот крст веќе отвориле прв дневен центар за грижа на стари лица и за давање помош во домашни услови. Европските стандарди предвидуваат ваков центар да има барем по еден во секој град.

„Засега е еден центар, но како ќе се јавува потреба така ќе се отвораат нови”, најави министерот за труд и социјална политика Спиро Ристоски.

Во земјава 12 отсто се стари лица

Во земјата 12 отсто од населението се лица над 65 години, односно околу 240.000 луѓе. Најмногу има пелагонскиот регион каде што 28 отсто од населението е над 65 години, а најмалку стари лица живеат во полошкиот регион, само 12,2 отсто.

Процените се дека до 2050 година бројот на старото население ќе се зголеми за три пати, односно 33 отсто од популацијата ќе бидат лица над 60 години и ќе име повеќе стари лица од деца до 14 години.

Најмногу тепани старци во југоисточна Македонија

Лани до центрите за насилство во Скопје, Битола, Кочани и Свети Николе биле пројавени 103 случаи на насилство врз стари лица. Од 960 стари лица колку што биле вклучени во истражувањето, 33 отсто се пожалиле на насилство, но само 22 отсто пријавиле дека се малтретирани. Околу 27 отсто молчат и се плашат да зборуваат за насилството. Најмногу насилство врз стари лица има во југоисточниот и полошкиот регион од земјава, додека најмалку се жалат на насилство во скопскиот регион.

Најчести ризикфактори кои иницираат насилство се болеста, потоа депресијата, како и психичкото насилство.

[custom_frame_center]Живееме Четири Години Пократко од Европејците[/custom_frame_center]

Превземено: Утрински Весник

Датум на објавата: 06.04.2012

Автор: Јасмина Јовановска

By | 2012-04-06T04:26:41+00:00 06/04/2012|Здравство, Македонија|