Банките Не Се Откажуваат Од Записите. Наместо Со Кредити, Одговорија Со Пониски Камати На Депозити!

//Банките Не Се Откажуваат Од Записите. Наместо Со Кредити, Одговорија Со Пониски Камати На Депозити!

Банките Не Се Откажуваат Од Записите. Наместо Со Кредити, Одговорија Со Пониски Камати На Депозити!

Откако гувернерот ја намали каматата за благајничките записи од 4% на 3,75%, а пониски камати за државните записи најави и министерот за финансии, банкарите одлучија да ги намалат трошоците за парите што ги позајмуваат од граѓаните и компаниите за да ја спасат профитабилноста. Меѓутоа, трендот на намалување на банкарските камати за депозити отвора и нова дилема – си прават ли банкарите простор за да продолжат и понатаму да вложуваат во државни хартии од вредност, а сепак, да работат профитабилно?!

За многумина очекувана реакција по притисокот од Народната банка да се ограничи вложувањето во благајнички записи – банките почнаа да ги намалуваат каматите за штедење за да ги компензираат намалените приходи. Откако гувернерот ја намали каматата за благајничките записи од 4% на 3,75%, а пониски камати за државните записи најави и министерот за финансии, банкарите одлучија да ги намалат трошоците за парите што ги позајмуваат од граѓаните и компаниите за да ја спасат профитабилноста.

Две од најголемите банки во земјава, Комерцијална и Стопанска, веќе ги намалија пасивните камати од 0,5 до еден процентен поен, а се очекува овој тренд да го следат и останатите банки. Создаваат ли простор банкарите за да продолжат и понатаму да вложуваат во државни хартии од вредност, а сепак, да работат профитабилно?!

Овој тренд на намалување на пасивните камати за штедење како примарна реакција на новите мерки на Народната банка банкарите го најавија уште минатиот месец и тоа се оствари. Според нив, нема голем простор за маневри, бидејќи перципираат зголемени ризици во економијата, што ги ограничува можностите за кредитирање и во такви услови, падот на каматите на депозитите е неминовен потег за да ги зачуваат профитите.

Банкарите се децидни дека нема да дојде до значително зголемување на кредитната поддршка за компаниите.

„Голема е веројaтноста да не дојде до значително зголемување на кредитирањето под влијание на оваа мерка, со оглед на тоа дека сe уште изостануваат кредитни барања за квалитетни проекти, а и ризиците во реалниот сектор сe уште се големи. Не верувам дека притисокот од Народната банка и од Министерството за финансии се однесува на тоа дека треба да се кредитира по секоја цена, па макар и да се загрозат депозитите така што ќе се кредитираат проекти и компании кои немаат задоволителен бонитет. Останува можноста да се инвестира во државни хартии од вредност или и понатаму да се инвестира во благајнички записи, а намалениот приход да се префрли на депозитната страна, така што ќе се намалат пасивните каматни стапки“, изјави финансискиот директор на Комерцијална банка, Маја Стевкова-Штериева.
Според последните податоци од Народната банка, просечната камата на влоговите во домашна валута за една година се намалила за еден процентен поен, од 6,3% на 5,3% на годишно ниво. Каматите на кредитите пак, паѓаат побавно и во истиот период се намалиле за само 0,3 процентни поени.

Иако гувернерот, министерот за финансии, па дури и премиерот јавно апелираа за поголема кредитна поддршка од банките, очигледно, тоа нема да ги премисли банкарите да даваат повеќе кредити. Тие велат дека го примиле сигналот од Народната банка, но зголемувањето на кредитната активност ќе зависело од капацитетот на реалниот сектор, односно од профитабилноста на проектите што ќе ги понудат компаниите за финансирање.

„Банките нема веднаш да процесираат ликвидност во економијата и тоа е јасно, па кредитирањето ќе се зголемува постепено. Нивото на кредитен раст од 8% е забавено, но сепак, доволно во вакви услови. Вистинското прашање е колкав е капацитетот на реалниот сектор за кредитирање. Податоците дека од 20 компании што доставиле квартални извештаи за годинава, 10 се во загуба, говорат дека ситуацијата е двојно полоша од лани. Тоа значи дека треба да се создаде нов модел на преструктурирање на реалниот сектор за да може компаниите да сметаат на поголема финансиска поддршка од банките“, изјави генералниот директор на Стопанска банка, Глигор Бишев.

Според последните податоци на НБМ, кредитниот пораст во февруари изнесуваше 8,3%, наспроти порастот од 9% во јануари годинава.

Банките се свртеа да работат со државата

Недовербата на банките во перспективите на приватните компании го замрзна кредитирањето на економијата, а банкарите целосно се свртеа кон работата со државата. Наместо во кредити за бизнис-секторот, тие парите ги вложуваат во државни записи, со што го полнат државниот Буџет. Само на последната аукција што се одржа во Министерството за финансии банките вложија 50 милиони евра во државни записи, со што вкупната задолженост на државата по овој основ од почетокот на годината надмина 150 милиони евра. Интересот за владините записи со кои се финансира буџетскиот дефицит особено порасна откако гувернерот Димитар Богов го ограничи купувањето на благајничките записи што ги издава Народната банка со цел да го стимулира кредитирањето.

Дополнително, ја намали и каматната стапка за овие записи од 4% на 3,75%, што за банкарите беше сигнал да бараат други алтернативи за вложување. Меѓутоа, во исто време, министерот за финансии, Зоран Ставрески, повторно ги интензивираше аукциите на државни записи и не ги следеше сигналите на гувернерот за намалување на каматите за записите, што всушност, беше доволен мотив за банките да ги преселат парите од трезорот на Народната банка во државниот Буиет. Во благајнички записи засега банките имаат заробено 467 милиони евра. Приватните компании извисија. Според последните статистички податоци, банките за приватните компании месечно одобруваат кредити во вредност од околу 21 милион евра.

Откако собра 150 милиони евра за една недела, Ставрески, сепак, се премисли и најави дека ќе ги намали каматите на државните записи за да се изедначат со благајничките записи, односно да се дестимулираат банките да вложуваат само во сигурни хартии од вредност. Меѓутоа, трендот на намалување на банкарските камати за депозити отвора и нова дилема – дали банките и понатаму ќе продолжат да вложуваат во благајнички и државни записи, бидејќи ги намалуваат сопствените трошоци кон изворите на финансирање? Во тој случај, освен намалување на каматите на записите, министерот Ставрески ќе мора да ги запре и честите аукции на државни записи со кои го полни Буџетот за да ги стави банките во тесно да избираат меѓу кредитирање и кредитирање.

[custom_frame_center]Банките не се откажуваат од записите. Наместо со кредити, одговорија со пониски камати на депозити!Банките не се откажуваат од записите. Наместо со кредити, одговорија со пониски камати на депозити![/custom_frame_center]

Извор: Капитал Дневен

Автор: Александар Јанев

Датум на објава: 14.05.2012

 

 

By | 2012-05-14T12:52:16+00:00 14/05/2012|Банки|